Фото: Маја Јаневска-Илиева

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј прогласи седумдневна национална жалост поради смртта на папата Франциск, соопшти денеска претседателството на земјата.

– Претседателот прогласува седум дена жалост за смртта на светиот отец – напиша портпаролот Мануел Адорни во кратка порака на мрежата Икс.

Папата Франциск, аргентински папа, почина денеска на 89-годишна возраст.

Милеј претходно во порака на Х изрази длабока тага за веста за смртта на папата и ја поздрави добрината и мудроста на папата и покрај разликите, кои, како што рече денеска, изгледаат незначителни.

– Како претседател, како Аргентинец и во суштина како човек на верата, се простувам од светиот отец и стојам покрај сите оние кои денеска се соочуваат со оваа тажна вест- рече Милеј.

Ултралибералниот аргентински претседател, во текот на годините како економист пред да биде избран за претседател на крајот на 2023 година, повеќепати изрази жестоки критики, дури и навреди, упатени кон папата Франциск, кого меѓу другото го нарекуваше „левичар, злобна личност и имбецил“, пренесе Бета.

Подоцна, Хавиер Милеј значително го намали тонот кога беше избран, се извини пред да биде примен во Ватикан само два месеца по доаѓањето на претседателската функција во февруари 2024 година, што беше помирување со папата кое беше широко медиумски проследено.