Планираната средба меѓу украинските преговарачи и американските посредници, која требаше да се одржи оваа недела, е одложена поради актуелната безбедносна ситуација поврзана со конфликтот на Блискиот Исток, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски посочи дека вниманието на меѓународните партнери во моментов е насочено кон ескалацијата на состојбите околу Иран.
– Во моментов приоритетот на партнерите и целото внимание се насочени кон ситуацијата околу Иран – напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс по средбата со украинскиот преговарачки тим.
Тој додаде дека Украина е подготвена за разговори во секој момент и во формат кој може реално да придонесе за завршување на војната.
Зеленски информира дека му наложил на својот тим да ги извести американските преговарачи дека Украина е подготвена да соработува со САД во заштитата од напади со дронови, нудејќи го своето искуство стекнато во војната со Русија.
Осврнувајќи се на односите со Москва, украинскиот претседател изјави дека Русија се обидува да ја искористи ситуацијата на Блискиот Исток за свои цели.
– Гледаме дека Русија се обидува да манипулира со ситуацијата на Блискиот Исток и регионот на Заливот во корист на својата агресија – посочи Зеленски.
Од кабинетот на Зеленски претходно ги демантираа медиумските информации за можна средба во Истанбул меѓу украински, руски и американски претставници.
Минатата недела беа одложени и разговорите меѓу Украина и Русија, планирани во Абу Даби со посредство на САД, поради безбедносни причини.
До одложувањето на дипломатските контакти доаѓа по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, на што Техеран возврати со ракетни и дронски напади кон израелска територија и американски позиции во регионот на Заливот, пренесе МИА.
































