Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чижов, ги отфрли американските предупредувања за можен руски напад врз Украина денеска.
– Што се однесува до Русија, можам да ве уверам дека денеска нема да има напад. Нема да има ескалација ниту наредната недела, ниту во неделата потоа, ниту во наредниот месец – рече Чижов во текст објавен во денешното издание на германскиот дневен весник „Ди Велт“.
– Војните во Европа ретко започнуваат во среда – додаде тој.
Американската администрација предупреди дека е можен руски упад во Украина пред затворањето на Зимските олимписки игри во Кина во недела.
САД и нивните сојузници во НАТО тврдат дека Русија подготвува напад врз Украина, обвинување кое Москва го негира.
Чижов ги осуди забелешките на САД за можен напад врз Украина.
– Кога обвинувате – кога кажувате особено многу сериозни обвинувања против Русија – имате и одговорност да презентирате докази. Во спротивно тоа е клевета. Па, каде се доказите?- напиша рускиот дипломат, пренесува МИА.
Амбасадорот повторно го повика Западот сериозно да ги сфати безбедносните грижи на Русија.
Кремљ побара НАТО да ги ограничи активностите во Источна Европа и да вети дека нема да ги додаде поранешни советски републики, како Украина, како нови членки. Москва, исто така, побара забрана за распоредување вооружени системи, вклучително и американски систем за противракетна одбрана, во близина на границите на Русија