Фото: ЕПА

Германскиот канцелар Олаф Шолц (СПД) го разреши министерот за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер. Оваа одлука де факто значи и дека т.н. коалиција Семафор, односно владејачката коалиција во Германија составена од СДП, ФДП и зелените, се гаси. Во наредниов период се очекува да поднесат оставки и другите министри од ФДП

Политичка криза во Германија

Германскиот канцелар Олаф Шолц, по разрешувањето на министерот за финансии и лидер на ФДП, Кристијан Линднер, во изјава за печатот најави дека тој „планира да побара гласање за доверба на германскиот Бундестаг на 15 јануари“. Доколку гласањето не оди според планот на сегашниот канцелар Шолц, сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ќе треба да одлучи дали ќе го распушти Бундестагот и ќе распише нови избори, кои потоа би требало да се одржат најдоцна во март. А бидејќи Шолц нема мнозинство, многу е веројатно дека ќе се случи тоа. Но, според германските медиуми, канцеларот Шолц заедно со зелените, пред Божиќ (25.12.2024), сепак сака да стави неколку закони на гласање во Бундестагот.
Имено, според неофицијалните информации на реномираниот медиум „Билд“, ФДП наводно планирала уште изминатава среда да го напушти коалицискиот комитет, а непосредно потоа да го раскине коалицискиот договор со СПД и зелените. За причините за конфликтот, медиумот тврди дека стојат разлики во буџетската, финансиската и економската политика. Според информациите, пак, на медиумот „Шпигел“, Шолц побарал од сега разрешениот министер за финансии Линднер да го суспендира лимитот за задолжување. Линднер го одбил тоа, наведувајќи други можности.
СПД и зелените пред коалицискиот комитет изјавија дека е можен договор за буџетот за 2025 година доколку се има волја за тоа. ФДП под Линднер, сепак, инсистираше на тоа дека треба да се тргне во поинаква насока на економските политики. Р.С.


Германија во економски вител

Главниот економист на Дојче банк за Германија, Робин Винклер, ја опишува економската состојба во Германија како „најизразен пад во повоената историја на индустриското производство во Германија“.
Зигфрид Русвурм, претседател на Конфедерацијата на германските индустрии, предупредува дека германскиот бизнис-модел е во „сериозна опасност“. Според него, се очекува до 2030 година да исчезне една петтина од германското индустриско производство, што, според него, претставува реален ризик од деиндустријализација.
Според Андреас Ритер, консултант со над 30 години искуство во корпоративното преструктурирање, германската држава се наоѓа во слободен економски пад и во вител на економска криза. Имено, аналитичарот Ритер, шеф на „АликсПартнерс“ за Германија, посочува дека моменталната ситуација во германскиот бизнис-сектор е „без преседан“ со највисока доза сериозност, каква што тој не видел досега. Имено, тој образложува дека кризата ги погодила клучните индустрии, како што се автомобилската, хемиската и инженерството, принудувајќи ја „АликсПартнерс“ да ги врати клиентите во нивните барања заради „прекумерната побарувачка за услуги за реструктурирање“.
Меѓу главните економски предизвици на Германија се високите трошоци за енергија, трошоците за работна сила и корпоративните даноци, заедно со оптоварената бирократија, недостигот од квалификувана работна сила и несоодветната инфраструктура. Соочени со несигурна економија, германските потрошувачи штедат 11,1 отсто од својот приход – двојно повеќе од Американците, што дополнително го забавува економското закрепнување.
„Фајненшл тајмс“ пишува дека германската економија не бележи значителен раст од крајот на 2021 година. Годишниот бруто-домашен производ (БДП) е на пат да биде во континуиран пад втора година по ред. Индустриското производство (без градежниот сектор) падна за 16 отсто од 2017 година, а деловните инвестиции се намалуваат во поголемиот дел во последните две децении. Во пад се и странските директни инвестиции (СДИ). Нешто пооптимистички прогнози се оние на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои велат дека „прогнозите за 2024 година предвидуваат раст на германскиот БДП од само 0,8 отсто“, но сепак ја ставаат Германија меѓу најбавно растечките големи економии, заедно со Италија.
Најтежок удар претрпе германското индустриско производство, столбот на германската економија. „Фолксваген“, симболот на германскиот автомобилски сектор, се подготвува за затворање фабрики на домашно тло, додека германскиот гигант „Тисенкруп“ се соочува со неизвесна судбина на своите фабрики за челик, ставајќи во опасност илјадници работни места. „Континентал“, производителот на гуми, размислува да го продаде својот автомобилски оддел. Дури и реномираното бродоградилиште „Мејер Верфт“ за влакно избегна банкрот со помош од 400 милиони евра. Р.С.