Британската Влада објави сеопфатни реформи во изборниот систем, меѓу кои најголемата новина е можноста 16-годишниците да гласаат на следните парламентарни избори, што е првпат на национално ниво во Обединетото Кралство.
Овој потег е дел од планот на владејачката Лабуристичка партија за модернизација на демократијата, а веќе се применува во изборите во Шкотска и Велс.
Покрај оваа мерка, се предлага и автоматска регистрација на гласачите, како и проширување на прифатливите документи за идентификација при гласање – со можност за користење банкарски картички издадени од британски банки и дигитални форми на лична идентификација кога ќе станат достапни.
Од Министерството за домување и локална самоуправа соопштија дека премногу граѓани биле обесхрабрени од претходните строги правила за лична идентификација, поради што според Изборната комисија, околу 750.000 луѓе не гласале.
Вицепремиерката Анџела Рејнер изјави дека овие промени се дел од напорите за враќање на довербата во демократијата и институциите. – Соборувањето на бариерите за учество е клучно за создавање праведна и отворена демократија, вели таа.
Премиерот Киер Стармер оцени дека е „важно“ младите да добијат право на глас. – Ако се доволно возрасни да работат и да плаќаат даноци, тогаш треба да имаат право да одлучуваат каде ќе одат тие пари, категоричен е британскиот премиер.
Сепак, анкетата на ITV News покажа дека само половина од испитаните 16 и 17-годишници сметаат дека треба да имаат право на глас, а само 18 отсто велат дека сигурно би гласале. Од нив, 33 отсто би гласале за Лабуристите, 20 отсто за Реформа и 18 отсто за Зелените.
Противењето дојде од Конзервативната партија, каде што пратеникот Пол Холмс ги обвини Лабуристите за „конфузија околу полнолетството“, прашувајќи зошто 16-годишниците може да гласаат, но не и да купат лото билет, алкохол или да се кандидираат на избори.
Дополнително, Владата ќе воведе построги правила за изборно финансирање – со забрана за донации преку „офшор фирми“ и нови проверки на непрофитни здруженија, со што Изборната комисија ќе добие овластување да изрекува казни до 500.000 фунти.
Министерката за демократија Рушнара Али изјави дека реформите ќе ја „заштитат демократијата од странско мешање“ и ќе ја подготват за идните генерации. Тоа доаѓа откако јавноста изрази загриженост за можноста Илон Маск да донира на партијата Реформа, што ја отвори дебатата за транспарентноста во политичките донации.
На последните избори е забележан рекорден трошок од 94,5 милиони фунти, од кои Лабуристите потрошиле 30 милиони, а Конзервативците 23,9 милиони.
Шефот на Изборната комисија, Виџеј Рангараџан, ги поздрави реформите, велејќи дека ќе ја зајакнат „отпорноста и интегритетот на изборниот систем“, но предупреди дека прифаќањето банкарски картички како лична идентификација може да ја поткопа довербата на гласачите.
Извршниот директор на тинк-тенкот IPPR, Хари Квилтер-Пинер, изјави дека ова е „најголемата реформа на изборниот систем од 1969 година“, додавајќи дека новите мерки би можеле да донесат 9,5 милиони нови гласачи.
Партиите како Зелените и Либералните демократи ги поддржаа реформите, но пратеничката Сара Олни од Либералните демократи предупреди дека измените сè уште оставаат „дупка во облик на Илон Маск“, повикувајќи на подлабока заштита од странско влијание.