Фото: Пиксабеј/Илустрација

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, соопшти дека утре ќе оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин.

– Треба да се сретнеме со него в четврток. Русите сами ја побараа таа средба, што сметам дека е значајна изјава од нивна страна – изјави Виткоф во интервју за Си-ен-би-си.

Претходно, Кремљ потврди дека се подготвува за посетата на Виткоф и на Џаред Кушнер, зетот на Трамп, во рамките на напорите за мировни преговори за Украина.

Според медиумските извештаи, претставници на САД и Русија веќе разговарале за билатералните односи и војната во Украина на маргините на Светскиот економски форум во Давос. На средбата одржана вчера, присуствувале Виткоф, Кушнер и рускиот преговарач Кирил Дмитриев.

Иако официјални резултати не се објавени, руските медиуми објавија видео на кое Виткоф средбата во Давос ја оценува како „многу позитивна“.