Москва и Пекинг градат односи засновани на пријателство и заемна доверба
Само еден ден по инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп се одржа т.н. виртуелна средба помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг. Имено, двајцата светски лидери разговараа преку видеоврска, сумирајќи ја соработката во текот на претходната, 2024 година. Според агенциските вести, обајцата лидери во разговорот ги споменале „новите планови за понатамошен развој на односите меѓу двете земји“. Сеопфатното заемно зајакнување на односите меѓу Русија и Кина е приоритет и цел на двете земји, се истакнува во веста за разговорот помеѓу двата светски лидера.
– Соработката меѓу Москва и Пекинг се заснова на широко заедништво на националните интереси и совпаѓање на ставовите за тоа какви односи треба да има меѓу големите сили – засновани на пријателство, заемна доверба и поддршка, еднаквост и заемна бенефиција, кои не зависат од внатрешните политички фактори и моменталната глобална ситуација. Кина и Русија заеднички се залагаат за градење поправеден мултиполарен светски поредок; надворешнополитичките врски меѓу Русија и Кина играат важна стабилизирачка улога во светските работи; Русија и Кина работат во интерес на обезбедување неделива безбедност во Евроазија и во светот како целина – се наведува во соопштението на кинеската државна агенција.
Кина ќе го брани меѓународниот систем на односи,
во кој ОН игра фундаментална улога
Во врска со средбата, претседателот на Кина, Си Џинпинг, истакна дека Пекинг има намера, заедно со Москва, „да се спротивстави на надворешната неизвесност врз основа на стабилноста“. Според него, Кина ќе се стреми да одржува стабилни кинеско-руски односи „заради развојот и просперитетот на двете земји“, како и да го брани меѓународниот систем на односи, во кој ОН играат фундаментална улога.
– Заедно со нашите руски колеги, ќе го поддржиме меѓународниот систем со центар на ОН, ќе ја браниме победата во Втората светска војна, извојувана со крвта и животите на милиони луѓе, и ќе ги браниме правата на Кина и Русија како земји основачи на ОН и постојани членки на Советот за безбедност – изјави за јавноста кинескиот лидер Си Џинпинг. Р.С.