Рускиот претседател Владимир Путин се чинеше дека накратко остана без зборови кога денеска се соочи со својот двојник кој го генерирала вештачка интелигенција. Двојникот ја искористи можноста да му постави прашање на Путин за вештачката интелигенција за време на традиционалната годишна прес-конференција.
– Владимир Владимирович, здраво, јас сум студент на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Сакам да прашам, дали е вистина дека имате многу двојници? И исто така: како гледате на опасностите што ги носат вештачката интелигенција и невронските мрежи на нашите животи – го праша и предизвика смеа кај присутните во салата со Путин во Москва.
Прашањето кај Путин предизвика ретко двоумење, веќе во четвртиот час одговарање на прашања за време на маратонската прес-конференција.
– Гледам дека можеби личиш на мене и зборуваш со мојот глас. Но, размислував за тоа и одлучив дека само една личност мора да биде како мене и да зборува со мојот глас, а тоа ќе бидам јас – одговори Путин, додавајќи дека ова е неговиот прв двојник.
Инаку, последниве години, имаше шпекулации особено во западните медиуми, дека Путин има еден или повеќе двојници кои го покриваат во некои јавни настапи поради наводни здравствени проблеми. Кремљ го негираше тоа и рече дека здравјето на претседателот е одлично.