Фото: ЕПА

Приоритет на Белата куќа е да запре војната меѓу Русија и Украина, но…

Претседателот на САД се повлече од своите гаранции за брзо воспоставување мир

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе не е сигурен дека може да го прекине воениот конфликт меѓу Русија и Украина, иако вели дека тоа е приоритет на Белата куќа.
– Не знам. Не можам да ви кажам дали ќе се случи тоа или не. Би сакал да се случи тоа – им рече Трамп на новинарите во авионот „ер форс уан“ кога го прашаа дали ќе успее да го заврши конфликтот.
Медиумите што ја пренесуваат неговата изјава потенцираат дека зборовите на американскиот претседател се спротивни на она што го кажал за време на неговата изборна кампања. Трамп тогаш постојано повторуваше дека ќе може да го заврши украинскиот конфликт за еден ден.
За време на прес-конференцијата на маргините на самитот на НАТО, американскиот лидер рече дека неговото ветување за прекин на конфликтот меѓу Русија и Украина во рок од 24 часа е „сарказам што не треба да се сфаќа буквално“. Тој додаде дека конфликтот меѓу Русија и Украина е потежок од другите. Трамп исто така рече дека, според него, рускиот претседател Владимир Путин има „комплициран карактер“ и призна дека имал несогласувања со Володимир Зеленски.
Уште во април, во интервју за списанието „Тајм“, Трамп рече дека неговите зборови за завршување на конфликтот во Украина за 24 часа се фигуративен израз. Р.С.


Катар домаќин на мировни преговори на Блискиот Исток

Нова рунда средби меѓу Израел и Хамас

Катар вчера беше домаќин на новиот круг посредни преговори меѓу Израел и Хамас во обид за постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.
– Посредниците го известија движењето Хамас дека новиот круг посредни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почнат неделава во Доха – беше проследена изјава во јавноста од официјален Катар, преку медиумите, при што се додава дека „делегацијата на палестинското исламистичко движење, кое го предводи Халил-ал-Хаја, веќе е во Доха“.
Израелската државна телевизија практично го потврди одржувањето на преговорите со тоа што објави дека израелската делегација исто така ќе замине за Доха.
Овие преговори ќе бидат насочени кон условите за можен договор за прекин на огнот, особено задржувајќи се на ослободувањето на заложниците во Газа и на палестинските затвореници во Израел.
Исламското движење побара значајни испораки на хуманитарна помош на палестинска територија, како и „гаранции за траен крај на војната“.
– Денот потоа мора да биде во целост палестински – изјави во интервју за АФП во неделата Јихад Таха, портпарол на Хамас, кој се противи на секое меѓународно преземање или израелско преземање на територијата по војната.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот поднесен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви заробеници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел. Р.С.


Најавено раздвижување на пазарот за нафта

Осумте земји од ОПЕК+ се согласија да го зголемат производството на нафта

Осумте земји членки на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК+) се согласија да го зголемат производството на нафта на 548.000 барели дневно во август, објави Ројтерс.
Тоа значи зголемување на производството од 411.000 барели дневно, кое беше произведено во мај, јуни и јули, соопштија информирани извори, додека состанокот на ОПЕК+ беше во тек.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) е основана во 1960 година во Багдад и првично имала пет членки – Иран, Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија и Венецуела, а моментално има 12 членки, кои, според извештајот од 2022 година, сочинуваат 38 проценти од глобалното производство на нафта. Р.С.