Фото: принтскрин / Илустрација

Венецуела  распоредува оружје, вклучувајќи застарена руска воена опрема, и планира герилски отпор во случај на американски воздушен или копнен напад, покажуваат документите за планирање до кои увид имаа британските медиуми.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, претходно ја покрена можноста за копнени операции во Венецуела, велејќи дека „копното ќе биде следно“ по нападите врз бродовите за кои Вашингтон тврди дека се користат за трговија со дрога. Меѓутоа, подоцна негираше дека размислува за напад во Венецуела.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека граѓаните и војската ќе се спротивстават на секој обид за соборување на владата.

Според документите за планирање и изворите на западните агенции, владата се потпира на две стратегии – герилски отпор и создавање анархија на улиците на Каракас.

Герилската одбрана, која владата ја нарекува „долготраен отпор“, би вклучувала мали воени единици на повеќе од 280 локации кои ќе вршат саботажи и напади врз непријателските сили.

Втората стратегија, наречена „анархизација“, би се потпирала на разузнавачките служби и вооружените поддржувачи на владејачката партија за да создадат неред и да ја отежнат контролата на земјата во случај на инвазија.

– Не сме подготвени да се соочиме со една од најмоќните армии во светот – рече извор запознаен со одбранбените капацитети на Венецуела.

Венецуелската војска, која е погодена од недостаток на обука, ниски плати и дефекти на опремата, се соочува со сериозни проблеми.

Два воени извори тврдат дека некои команданти биле принудени да преговараат со локалните производители на храна за да ги хранат своите војници.

Обичните војници заработуваат околу 100 долари месечно, додека основната кошничка за храна чини околу 500 долари.

Мадуро изјави дека осум милиони цивили се подложени на воена обука за одбрана на земјата, но изворите проценуваат дека во вистински конфликт би учествувале не повеќе од 7.000 луѓе – вклучувајќи разузнавачки службеници и поддржувачи на владејачката партија.

Венецуела во голема мера се потпира на децениските донации на руска воена опрема.

Руското Министерство за надворешни работи минатата недела изјави дека е подготвено да ѝ помогне на Венецуела и повикува на деескалација на тензиите.

Мадуро побара поправка на авионите „Сухој“, надградба на радарските системи и испорака на ракетни системи, додека според изворите, веќе се распоредени 5.000 ракети „Игла“.

Документите што датираат од периодот помеѓу 2012 и 2022 година покажуваат долгорочен фокус на одбраната од „империјалистичка агресија“.

Опозицијата на Венецуела, невладините организации и западните влади го обвинуваат режимот на Мадуро за врски со трговијата со дрога, особено во западните провинции, каде што дејствуваат колумбиски герилски групи и каде што се одгледува кока. Владата ги отфрла овие обвинувања.