Атомските централи се враќаат на голема врата во Обединетото Кралство
Министерката за финансии на Обединетото Кралство, Рејчел Ривс, официјално објави дека Велика Британија ќе издвои околу 16,7 милијарди фунти (речиси 20 милијарди евра) за проекти за нуклеарна енергија со цел да се откаже од фосилните горива.
Потпишани се договори во вредност од 14,2 милијарди фунти за изградба на новата нуклеарна централа „Сајзвел Ц“ во Сафолк, Англија, а на „Ролс-Ројс“ му е доверен проектот за изградба на мали модуларни реактори (СМР) во програма вредна 2,5 милијарди фунти.
Официјалните лица се надеваат дека СМР ќе се покажат како поповолни и побрзи од традиционалните електроцентрали, а најавените проекти би можеле да бидат вклучени во електричната мрежа кон средината на 2030-тите.
– Велика Британија е повторно таму каде што припаѓа – на чело на технологиите на утрешнината, со „Ролс-Ројс“ како наш избран партнер на тоа патување – рече министерката Ривс.
Енергија за три милиони домаќинства
Проектите на т.н. мали модуларни реактори (СМР) би можеле да вработат до три илјади луѓе и да снабдуваат со енергија до три милиони домаќинства.
Синдикатите го поздравија започнувањето на проектот „Сајзвел“, за кој Министерството за финансии тврди дека ќе создаде 10.000 работни места. Министерот за енергетика Ед Милибанд изјави дека е потребен нов нуклеарен капацитет за да се обезбеди „златна доба на изобилство на чиста енергија“.
Последниот реактор што го изгради Британија беше „Сајзвел Б“ во 1987 година, исто така во Сафолк. Електроцентралата „Хинкли поинт Ц“ во Сомерсет е во изградба и се очекува да снабдува со електрична енергија околу шест милиони домови до 2031 година. Р.С.