Американската страна ќе се обиде во Ријад да разбере колку е подготвен Киев на отстапки за да се постигне мир и да стави крај на војната. Американската позиција е дека Украина мора да се откаже од дел од територијата што Русија ја зазеде од 2014 година, за да се постигне успешен договор за ставање крај на војната
Средба меѓу украинскиот и американскиот врв во Саудиска Арабија ќе има, но без Зеленски
Претседателот на Украина, Зеленски, вчера пристигна во Саудиска Арабија заради остварување средба со престолонаследникот Мохамед бин Салман. Меѓутоа, медиумите известуваат дека претседателот на Украина нема да оствари средба со државниот секретар на САД, Марк Рубио, кој е веќе во Ријад, во Саудиска Арабија. Имено, на средбата меѓу претставници на САД и Украина, освен Марк Рубио, државниот секретар на САД, се предвидува да присуствуваат (од страна на САД) советникот за национална безбедност Мајк Валц и пратеникот за Блискиот Исток, Стив Виткоф. Украинците, пак, ќе бидат без претседателот Зеленски и во следниот состав: Андриј Јермак, главен помошник на Зеленски, потоа, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД ќе ја искористат оваа средба со украинската делегација во Саудиска Арабија најпрвин „за да дознаат колку Украина е подготвена да се повлече од своите барања“.
– Американската страна ќе се обиде да разбере што е подготвен да направи Киев за да постигне мир и да стави крај на војната. Тоа може да биде некомпатибилно со она што Русите се подготвени да го направат. Но тоа е она што треба да го откриеме. Украина мора да се откаже од дел од територијата што Русија ја зазеде од 2014 година за каков било договор за ставање крај на војната – категорично изјави Марко Рубио токму пред да тргне во Саудиска Арабија на подготвителниот состанок за идните „мировни преговори“.
– Отстапките се единствениот начин да се стави крај на војната. Украинците претрпеа многу и нивниот народ претрпе многу, а по нешто такво, тешко е дури и да се зборува за отстапки, но тоа е единствениот начин да се стави крај на ова за да се спречи поголемо страдање – изјави Рубио за новинарите.
Овие разговори во Саудиска Арабија се први што се водат меѓу највисоките американски функционери и украинското раководство откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се судри со американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс во Белата куќа. Р.С.