Фото: ЕПА

Блокирани улици во централниот дел на американската престолнина, стопиран сообраќај и затворени метро станици, безбедноста на највисоко ниво, но и привремено затворени продавници и ресторани – Вашингтон се подготвува за пречекот на високите делегации по повод долгоочекуваниот самит на НАТО.

Како домаќин на овој јубилеен настан, се одржува од 9 до 11 јули, Вашингтон е одбран симболично. Точно пред 75 години 12 земји од Европа и Северна Америка потпишаа политички пакт за формирање на она што подоцна ќе стане најмоќната воено алијанса во светот, составена од економско развиени и либерално-демократски земји каде се почитува владеење на правото.

Темелот на Организацијата на северноатлантската повелба, официјалното име на НАТО, беше поставен на 4 април 1949 година со потпишување на северноатлантската повелба, позната и како Вашингтонска повелба.

Десетици шефови на држави и влади и илјадници останати учесници се очекува да дојдат деновиве во Центарот за конвенции „Волтер И. Вашингтон“. Официјалната програма започнува во вторник, со агенда фокусирана на Украина и засилената помош за Киев во неговото одбивање на непрекинатата агресија од страна на Русија.

Генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, во среда попладне ќе одржи голема прес-конференција.

Во меѓувреме, во здружената воена база „Ендрјус“ во Мерлиленд, денеска и утре пристигаат шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО.

Сите овие активности се пропратени со безбедносни мерки и тесна контрола на сообраќајот, затворање на повеќе централни улици и метро станици и пренасочување на автобуските линии.

Самитот е и испит за претседателот на САД, Џо Бајден, кој се наоѓа во критичен момент од својата кампања за повторен избор, па безбедносната и нормалното одржување на самитот се посебна главоболка за него и актуелната администрација.

Јавноста е соочена со безбедносни бариери, огради и ограничено паркирање околу трите главни локации каде ќе се одвиваат активностите – центарот за конвенции, аудиториумот „Мелон“ и Белата куќа.

Во меѓувреме, американската тајна служба и локалните власти имплементираат повишени мерки за безбедност со подготовка за можни закани. Иако тие веќе изјавија дека не очекуваат кредибилни закани. Властите исто така очекуваат и протести, со оглед на постојаното никнување на нови против војната во Газа, како во салите на Конгресот, така и пред објектите на престој на лидерите или пред Белата куќа.

Во меѓувреме, жителите на округот Колумбија за локалните медиуми се пожалија од отежнатите услови за движење и строгите полициски контроли. Се пренесуваат жалби од сопствениците на бизниси дека мора да затворат оваа недела поради недостапноста до нивните локации.

Некои ова го споредија со самитот САД-африкански лидери во декември 2022 година кој што предизвика драстично намалување на нивните профити.