Фото: ЕПА

Соединети Американски Држави доставиле до Иран предлог за мировна рамка составена од 15 точки, заедно со иницијатива за прекин на огнот, со цел намалување на тензиите на Блискиот Исток. Претседателот Доналд Трамп изјави дека иранската страна веќе прифатила еден од клучните услови – откажување од нуклеарно оружје.

 – Тие се согласија. Тие никогаш нема да имаат нуклеарно оружје. Тие се согласија со тоа- изјави Трамп.

Како што објави „Њујорк Тајмс“, планот бил пренесен до иранските претставници преку посредство на Пакистан.

Трамп посочи дека веќе постојат „главни точки на согласност“ во комуникацијата меѓу двете страни, нагласувајќи дека крајната цел е Техеран да се откаже од нуклеарната програма и резервите на збогатен ураниум. Сепак, иранските власти негираат дека воопшто се водат директни разговори.

Во дипломатските напори се вклучени и специјалниот пратеник Стив Виткоф и советникот Џаред Кушнер, кои, според извештаите, предлагаат едномесечно примирје како простор за преговори за сите точки од планот.

Според израелскиот „Канал 12“, предложената рамка се надоврзува на претходен документ презентиран минатата година, пред ескалацијата на конфликтот, вклучително и воените судири со Израел и американските напади врз иранските нуклеарни објекти во операцијата „Полноќен чекан“.

Повеќе извори оценуваат дека планот има за цел да постави основа за поширок договор и стабилизација на регионот.