Кадар на Орбан во март застанува на чело на Европската централна банка (ЕЦБ)
Поранешниот министер за финансии Михали Варга е назначен за следен гувернер на Европската централна банка (ЕЦБ). Тој треба да ја преземе функцијата како прв човек во март 2025 година. За потсетување, Михали Варга го сметаат за политички сојузник на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.
Промената на носителот на највисоката функција во ЕЦБ предизвика низа реакции во Брисел, но и во Франкфурт, Германија, во седиштето на ЕЦБ.
Стравот од промени се почувствува и во серијата изјави на сѐ уште актуелната претседателка на ЕЦБ, Кристин Лагард. На пример, Лагард рече дека „политичкиот притисок врз централната банка (мислејќи на политиките на Трамп, како и новиот курс на ЕЦБ, кој би го имал наредниот претседател на ЕЦБ, Варга, под влијание на Орбан) ја зголемува нестабилноста на девизниот курс и ги зголемува приносите на обврзниците и премиите за ризик. Овој тип нестабилност може да го отежне одржувањето на инфлацијата на ниско ниво, што предизвикува загриженост дека независните централни банки не го исполнуваат својот мандат – рече Лагард. Таквата низа на настани, рече таа понатаму, може да го поткопа општествениот консензус и дополнително да ја зголеми нестабилноста во економијата. Лагард, исто така, сакајќи да најави еден вид ерозија, па и дистракција на ЕЦБ, рече дека „политичкото мешање може да доведе до маѓепсан круг“ што може да резултира со поткопување на независноста на централната банка.
– Политичкото влијание врз одлуките на централната банка, исто така, може значително да придонесе за макроекономската нестабилност – рече Лагард во видеообраќањето до Унгарија.
Во врска со влијанието што би можел да го има новиот американски претседател Трамп над европската монетарна политика, Лагард рече дека независноста на централните банки е доведена во прашање во неколку дела на светот.
– Иако неодамнешното истражување сугерира дека независноста на централната банка де јуре никогаш не била толку распространета како што е денес, нема сомнеж дека де факто независноста на централните банки е доведена во прашање во неколку дела на светот – рече Лагард.
Имено, за издвојување во овој контекст е дека американскиот претседател Доналд Трамп неделава изјави дека ќе бара од американските Федерални резерви (ФЕД) да ги намалат трошоците за задолжување, тврдејќи дека многу подобро ги познава каматните стапки од луѓето задолжени да ја донесат таа одлука. Исто така, се очекува американската ФЕД да ги задржи каматните стапки во мирување оваа недела, иако ЕЦБ најверојатно ќе ги намали, тврдејќи дека инфлацијата полека се намалува и дека некои од предлозите за политика на администрацијата на Трамп всушност би можеле да ги зголемат ценовните притисоци, што веројатно ќе предизвика критики од Белата куќа. Р.С.