Ураганот Мелиса денеска ја погоди Куба, предизвикувајќи големи поплави и принудувајќи на евакуација повеќе од 735.000 луѓе, само неколку часа откако моќната бура го погоди островот Јамајка.
Видеата на социјалните мрежи покажуваат жители како газат низ вода длабока речиси до колена во нивните домови, додека улиците се претворени во реки, пренесе ДПА.
– Исклучително опасната бура од трета категорија се придвижи навнатре кон југоисточната провинција Сантијаго де Куба, откако рано утрово удри на копно – соопшти Националниот центар за урагани на САД (НХЦ).
НХЦ предупреди на опасност по живот и потенцијално катастрофални поројни поплави со бројни одрони на земјиште.
Кубанските власти сè уште не пријавиле жртви, но целосниот обем на штетата на островот со 10 милиони жители допрва ќе се утврдува како што одминува денот.
Мелиса ја погоди Куба откако во вторникот ја опустоши Јамајка како ураган од петта категорија, проследен со ветрови до 295 километри на час, големи бранови и поројни дождови.
Ветровите оттогаш ослабеа, но на жителите им беше советувано да останат во затворени простории до изгрејсонце, соопшти НХЦ.
Владата на Јамајка го прогласи островот за зона на катастрофа по предизвиканата штета, вклучувајќи ги и болниците, мостовите и електричната инфраструктура, при што повеќе од 530.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Медиумите известуваат за срамнети домови и поплавени улици. Сè уште не се потврдени смртни случаи, а целосниот обем на уништувањето останува нејасен, дури и часови по ударот на ураганот.



































