Талибанците покажаа подготвеност да им дозволат на авганистанските девојчиња да одат на училиште од следниот месец, што е едно од главните барања на меѓународната заедница, изјави денеска новата извршна директорка на УНИЦЕФ, Катарина Расел.
Таа посочи дека останува да се види дали нивната подготвеност ќе се оствари на 21 март.
– Де факто (талибанската) влада ни даде индикации дека имаат намера да го направат тоа, и се надеваме дека тоа ќе се случи и веруваме дека тоа треба да се случи – рече таа во ексклузивното интервју за АП, пренесува Бета.
Иако нема официјална забрана, на девојчињата од седмо или повисоки одделенија им е забрането да одат во училиште во поголемиот дел од земјата откако Талибанците ја презедоа власта.