Фото: МНР

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, денеска изјави дека неговата земја нема да купува поскапа нафта по диктат на Украина, дека ќе ги брани пониските цени на енергенсите и ќе го чува суверенитетот, и покрај притисоците на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

– Литванскиот министер за надворешни работи, Будрис Кестутис, денеска изјави дека би му било срам да живее во земја која купува евтина руска нафта, тврдејќи дека тоа значи откажување од автономијата – напиша Сијарто на Х.

Како што истакна тој, балтичките држави долго време „играат како што свири Зеленски“, но Унгарија нема да подлегне на уцените на украинскиот претседател.

– Никој не може да ни диктира од каде треба или не треба да купуваме нафта, и никој не може да нè натера да ја купуваме по повисока цена од претходно – рече Сијарто.

Тој нагласи дека семејствата во многу европски земји плаќаат три до четири пати повеќе за комуналии отколку унгарските.

– Ние ќе ги заштитиме пониските цени на енергенсите и ќе го браниме нашиот суверенитет – порача Сијарто.

Нафтата од Русија престана да тече низ нафтоводот „Дружба“ кон Унгарија и Словачка на 27 јануари, а Украина тврди дека причината е руски напад врз нафтената инфраструктура во градот Броди во регионот Лавов. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо се сомневаат дека Киев ја користи ситуацијата за политички притисок и мешање во унгарската изборна кампања. Украина ги отфрла обвинувањата и тврди дека работи на санација на оштетената инфраструктура.