Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија

Унгарија најави дека ќе го блокира заемот од 90 милијарди евра што Европската Унија го одобри за Украина, сè додека не се обнови транзитот на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“. Ова го соопшти министерот за надворешни работи Петер Сијарто.

Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако украинските власти информираа дека нафтоводот бил оштетен при напад со руски беспилотни летала. Двете земји, кои имаат привремено ослободување од европската забрана за увоз на руска нафта, го обвинија Киев за намерно попречување на протокот.

Во видео порака објавена на социјалните мрежи, Сијарто ја нарече ситуацијата „уценување“ и нагласи.

– Нема да се потчиниме на овој притисок. Ние не ја поддржуваме војната на Украина и нема да ја финансираме. Додека Украина го спречува продолжувањето на испораките на нафта за Унгарија, ќе ги блокираме одлуките на Европската Унија кои се важни и корисни за Киев – рече Сијарто.

Одлуката на Будимпешта да го задржи финансирањето доаѓа само неколку дена пред четвртата годишнина од руската инвазија врз Украина и два дена по суспензијата на испораките на дизел кон соседните земји.

Заемот од 90 милијарди евра беше првично оспорен и од Словачка и Чешка, но на крајот тие се согласија да не го блокираат пакетот, откако добија гаранции за заштита од можни финансиски последици.