Фото: ЕПА

Внатрешен бојкот во ЕУ за последниот пакет санкции на Унијата кон Русија

Деновиве Брисел го истакна воведувањето на „најсеопфатните санкции досега врз Русија“. Имено, министрите за надворешни работи на Европската Унија завчера го усвоија 16-от пакет санкции против Русија. Подолгата низа санкции се однесуваат на „руските нафтени танкери во сенка, на контролори на видеоигри што се користат за летање со беспилотни летала, на банки што се користат за заобиколување на европските санкции и проруските пропагандни центри, како и на некои новооткриени руски финансиски мрежи, потоа и на дополнителните ограничувања за увоз на примарен алуминиум од Русија… итн. вклучувајќи и санкции за руските спортисти“.
Но за издвојување е дека Унгарија овој пат решително му се спротивстави на Брисел и ги укина спортските санкции врз Русија од споменатиот пакет! Со тоа, според аналитичарите, „подигна знак ‘СТОП’ за продолжување на политиките за санкции од страна на Унијата кон Русија“. Будимпешта смета дека „со ветувачките американско-руски мировни преговори може да дојде и до целосно укинување на санкциите врз Русија“!

Новиот пакет санкции од ЕУ усвоени на тригодишнината од војната во Украина

Последниот пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки е усвоен на денот на одбележувањето на третата годишнина од почетокот на војната во Украина, а, како што се наведува во соопштението на Советот на ЕУ, се однесува на сектор од витално значење за руската економија.
– Оваа нова рунда санкции е насочена не само на руската флота во сенка туку и на оние што ја поддржуваат работата на небезбедни нафтени танкери, контролори на видеоигри што се користат за летање со беспилотни летала, банки што се користат за заобиколување на нашите санкции и местата за руска пропаганда – рече високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
За првпат, ЕУ воведе забрана за трансакции за кредитни или финансиски институции основани надвор од Русија што го користат системот за пренос на финансиски пораки (ФМТС) на Централната банка на Русија. Советот на ЕУ, исто така, одлучи да ја прошири забраната за обезбедување специјализирани услуги за финансиски пораки на 13 регионални банки што се сметаат за клучни за рускиот финансиски и банкарски сектор.
Новиот пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки воведе санкции за 48 поединци и 35 субјекти, наводно одговорни за дејствија што ги поткопуваат или ги загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. На списокот со санкции се додадени 74 брода од трети земји, со што вкупниот број на бродови под санкции на ЕУ се искачи на 153. Дополнително, 53 субјекти се додадени на листата на обвинети од ЕУ дека директно го поддржувале рускиот воено-индустриски комплекс во војната во Украина. Според соопштението на Советот на ЕУ, една третина од овие ентитети се руски, додека другите се лоцирани во трети земји, како што се Кина, Индија, Казахстан, Сингапур, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Узбекистан.
Одлуката, исто така, ја прошири листата на забранети артикли што придонесуваат за технолошки напредок на рускиот одбранбен и безбедносен сектор и воведе дополнителни ограничувања на извозот на стоки што придонесуваат за зајакнување на руските индустриски капацитети и нивниот транзит низ Русија, како и ограничувања на увозот на примарен алуминиум, за кој се тврди дека носи значителни приходи во Русија. Суспендирани се дозволите за емитување на осум руски медиуми, за кои се тврди дека се под контрола на руското раководство.
ЕУ, исто така, забрани какви било трансакции со одредени пристаништа и аеродроми во Русија за кои обвинува дека се користат за пренос на беспилотни летала, проектили и поврзана технологија и компоненти во Русија, или за заобиколување на ограничувањата на цената на нафтата или други рестриктивни мерки. Советот на ЕУ одлучи и да ја прошири забраната за летови на руските авиокомпании што вршат летови во Русија или извезуваат авиони и авионски стоки и технологија на руски авиопревозници и субјекти под нивна контрола и ја зајакна постојната забрана за патен транспорт на стоки на територијата на ЕУ, вклучувајќи и транзит, од оператори на ЕУ што се во сопственост од барем 25 отсто на руско физичко или правно лице.
Пакетот вклучува и енергетски санкции и воведува дополнителни ограничувања за извоз на стоки и технологија, особено софтвер поврзан со истражување за нафта и гас, за дополнително ограничување на руските истражувачки и производствени капацитети и забранува привремено складирање руска сурова нафта и нафтени деривати во ЕУ. Вклучува и дополнителни рестриктивни мерки против Белорусија, како и нови ограничувања на Крим, Севастопољ и четири украински региони под руска контрола за да се спречи нивната интеграција во Русија и заобиколување на санкциите на ЕУ.
Претходно Калас ги опиша овие санкции на социјалната мрежа Икс како најсеопфатни досега, наведувајќи дека тие ги ослабуваат воените напори на Русија.

Сијарто: Се појавува нова реалност со ветувачките американско-руски
преговори

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто истовремено решително се спротивстави и ги блокираше новите спортски санкции против Русија.
– Заврши ерата на санкции. Се појавува нова реалност со ветувачките американско-руски преговори. Се надеваме дека односите ќе се подобрат до точка каде што санкциите ќе можат целосно да бидат укинати – истакна унгарскиот министер.
Новиот 16-ти пакет санкции на ЕУ против Руската Федерација требаше да опфати нови забрани за рускиот олимписки комитет, како и санкции за два фудбалски клуба од руската Премиерлига – ЦСКА Москва и Ростов.
Унгарскиот министер за надворешни работи Сијарто објави дека Унгарија успешно ги блокирала санкциите против 27 лица, вклучувајќи го и патријархот Кирил, и против Рускиот олимписки комитет и два руски фудбалски клуба. Фудбалските клубови ни го привлекоа вниманието, а претставник на ЕУ ни потврди дека Сијарто мислел на иницијативата на естонската влада од ноември 2024 година, која предложи санкции против ЦСКА Москва и ФК Ростов, кои се натпреваруваат во руската Премиерлига. Р.С.