• Пример за тоа колку е важна ООН се и најновата интервенција на САД и бомбардирањето на Иран. Меѓународното јавно право и
    меѓународното воено право велат дека тоа е „еднострана акција, без никаков мандат и овластување што би произлегло од соодветна
    расправа во Советот за безбедност (СБ) на светската Организација на Обединетите нации (ООН)“. Да постоеше реформирана светска организација, со реафирмирана важност и спроведување на меѓународното право, поинаку ќе се
    решаваше случајот со Иран, во согласност со основната Повелба на ОН
  • Се разбира, во истиот контекст, поинаква ќе беше и позицијата на Македонија, на која сега во најгруба и најбезобѕирна форма „добрите соседи“, но и ЕУ, ѝ се мешаат во внатрешните работи, си дозволуваат да ѝ наредуваат постојано промени во уставниот и политичкиот систем, но и го нарушуваат целосно правото на македонско идентификациско самоопределување на македонскиот народ

Соединетите Американски Држави во својот Конгрес ќе разгледуваат нацрт- закон за еднострано и целосно повлекување од Организацијата на Обединетите нации. Паралелно со ова, од многу страни од светот доаѓаат зачестени барања за темелна реформа на светската организација, за да може да биде вистински форум, во кој ќе се почитува и ќе се применува меѓународното право и во кој во многу поголема мера ќе се слуша гласот на малите држави како што е и Македонија. САД размислуваат да ја напуштат ООН, но очигледно е дека денешнава либерална Европа, олицетворена во Европската Унија, водечките европски држави, како и Бугарија и Грција, веќе ги „напуштија“ светската организација и нејзините темелни резолуции, кршејќи ги во случајот со македонската држава и македонскиот народ.

ООН стана платформа за моќните?!

На 21 февруари 2025 година од САД стаса шокантна информација: група од републикански сенатори предложи нацрт-закон, со кој предложуваат целосно повлекување на оваа светска суперсила од Организацијата на Обединетите нации. „Претседателот ќе го отповика целосно членството на САД во Организацијата на Обединетите нации, во сите нејзини тела, специјализирани нации, комисии или други тела поврзани со ООН“, се наведува во текстот на нацрт-законот. Еден од неговите автори, сенаторот Мајк Ли изјави за американскиот ТВ-канал „Фокс њуз“ дека „ООН троши пари, за да го поткопа интересот на Вашингтон“.
– ООН стана платформа за тираните и место за напад врз Америка и нејзините сојузници. Мора да престанеме да плаќаме за тоа – рече тогаш сенаторот Ли.
Тој го доведе под знак прашалник она што го постигна ООН во сите години од своето постоење, бидејќи, според него, оваа светска организација не успеа да ги спречи ниту оружените судири ниту кршењата на човековите права. На почетокот на годинашниов февруари претседателот Доналд Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од Советот за човекови права на Обединетите нации. Наредбата содржи обврска да се преиспита со колку пари САД ја финансираат ООН и каде може да се укине финансирањето. Трамп нареди повлекување на неговата држава и од Агенцијата за помош на ООН за Палестинците. Тој рече дека Вашингтон има намера да ја разгледа својата вклученост и во Организацијата за наука, образование и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
Од крајот на годинашниов февруари тој нацрт-законски акт е веќе внесен во американскиот Конгрес, но сѐ уште нема расположливи информации кога ќе се расправа за него. Најмалку десетина други републиканци веќе изразија поддршка за нацрт-законот. Во сличен тон како и Мајк Ли, сенаторот Чип Рој изнесе тврдење дека „ООН не прави ништо“.
– И покрај сите пари и внимание, оваа корумпирана глобалистичка организација со децении не успеа да ги спречи војните, геноцидите, кршењето на човековите права – кажа тогаш Рој.
Би било крајно погрешно впуштање во какви било прогнози кога и дали воопшто САД би одлучиле да ја напуштат Организацијата на Обединетите нации. Меѓутоа, позицијата и политиката, кои сѐ повеќе започнаа да ги заземаат САД кон ООН, веќе се повод за влијателниот американски економист Џефри Сакс, професор на универзитетот „Колумбија“ да се огласи во интервјуто за белградскиот весник „Политика“ дека „ОН се длабоко ранети, можеби и смртоносно, од настаните што се одвиваат токму сега. САД, но и Европската Унија ги уништуваат, ако не и убиваат ООН со тоа што бесрамно го напуштаат почитувањето на Повелбата на ООН“, истакна Сакс.

И Грција и Бугарија ја убиваат ОН преку обидите за убиство на Македонија и Македонците

Може да се констатира дека овие денови и месеци исто така и сегашната либерална политичка Европа, олицетворена во Европската Унија, конкретно Бугарија, Грција и низа водечки и други европски земји членки на Европската Унија, кажано со речникот на Сакс, веќе наголемо „ги уништуваат, ако не и убиваат ООН“! Уште повеќе, оваа политичка Европа, претставена преку ЕУ, и споменатите нејзини земји членки како да го следат примерот на САД: иако не физички и формално, но во суштинска смисла веќе ја напуштиле ООН! Како, зошто? Поради непочитувањето клучни акти и резолуции на ООН, кои го регулираат меѓународниот поредок, функционирањето и однесувањето на државите кон други земји членки на ООН, меѓу кои најважните се: (1) Повелбата на ООН, со која беа воспоставени светскиот систем на меѓународни односи и правните и концептуални основи на меѓународното право за човечките права, (2) Резолуцијата на Генералното собрание на ООН за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи од 14 декември 1980 година и (3) Декларацијата на Генералното собрание на ООН за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите од 9 декември 1981 година, со која „Генералното собрание потврдува дека во согласност со Повелбата на Обединетите нации ниту една држава нема право да интервенира директно или индиректно од која било причина во внатрешните или надворешните работи на која било друга држава“.
Значи, денешната и ваква политичка Европа, одразена преку ЕУ и нејзините водечки земји членки, како и Бугарија и Грција, „излегоа“ од споменатите темелни акти и резолуции на светската организација, не спроведувајќи ги во случајот на државата Македонија и македонскиот народ. Токму затоа велиме дека ова претставува во суштинска смисла и индиректно излегување од ООН. Бугарскиот договор и неговите протоколи, францускиот предлог и преговарачката рамка кршат еден од најважните елементи на принципот на добрососедството – принципот на недопустливоста на хегемонизмот, кој е многу прецизно наведен во Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи. Официјална Софија, Европската Унија и сите оние што ѝ наредуваат на Македонија беспоговорно и целосно исполнување на француската рамка заедно со сите нејзини анекси и протоколи, ја кршат оваа важна резолуција на Генералното собрание на ООН, со која ѝ е забрането, недопуштено на Бугарија да ја спроведува политиката на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, која се спроведува со таканаречениот бугарски добрососедски договор. Со кршењето на оваа резолуција на ООН се забранува и нарушувањето на правото на самоопределувањето на народите, кое, исто така, целосно му се попречува на македонскиот народ со бугарскиот договор.

Ниту една држава нема право да интервенира директно или индиректно од која било причина во внатрешните или на дворешните работи на која било друга држава

Во истиот контекст е и втората резолуција на ООН со која на ниедна држава или на група на држави не им е допуштено да интервенираат ниту да се мешаат во внатрешните работи на Mакедонија, а камоли во врска со Уставот. Со Декларацијата на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации за недопустливост на интервенирањето и вмешувањето во внатрешните работи на државите од 9 декември 1981 година „се потврдува дека во согласност со Повелбата на Обединетите нации ниту една држава нема право да интервенира директно или индиректно од која било причина во внатрешните или надворешните работи на која било друга држава“. Секоја држава што е членка на Обединетите нации (ОН), како што е и Македонија членка на ООН, мора во еднаква мера да ја применува оваа декларација.
Но Бугарија, Грција и сите други земји членки, за Македонија „великодушно“ советуваат „да се зграпчи бугарско-европскиот моментум“ и да се спроведат уставните измени!? Ова е газење на таа декларација и недозволиво мешање во внатрешните работи на суверената македонска држава, која исто како и сите други членки на ООН има право самата суверено, неотуѓиво и слободно да го одредува својот политички, општествен, но и уставен систем, во согласност со волјата на македонскиот народ и на сите други граѓани на Македонија.
Еве само некои од најзначајните ставови од споменатата Декларација на Генералното собрание на ООН.
– Генералното собрание го потврдува основниот принцип на Повелбата на Обединетите нации дека сите држави имаат должност да не се закануваат и да не користат сила против суверенитетот, политичката независност, или територијалниот интегритет на другите држави.
– Принципот на немешање во внатрешните и надворешните работи на државите ги опфаќа следните права и должности: суверенитет, политичка независност, територијален интегритет…, како и националниот идентитет; суверено и неотуѓиво право на државата слободно да го одредува својот политички, економски, културен и социјален систем… без надворешна интервенција, мешање, субверзија, принуда или закана во каква било форма…
Посочените примери се само дел од омасовената пракса во која веќе никој не се осврнува на одлуките на Советот за безбедност на ОН, ниту некој ги почитува споменатите и многу други резолуции на светската организација. Дури, веќе отворено се говори и дека не е потребна Организацијата на Обединетите нации во ваков облик и со вакви надлежности.

Свето Тоевски

(продолжува утре)

Каква транзиција и каква реформа е потребна на ООН, за да може да се зачуваат меѓународното право и самата светска организација, кои се толку потребни и за  Македонија и за сите други помали држави во светот?