Фото: Пекселс

Украинските власти денеска соопштија дека се изгаснати шумските пожари во областа околу нуклеарната централа Чернобил, која е под контрола на руските сили. Пожарите уште еднаш предизвикаа загриженост поради можното ослободување радијација од електраната, во која експлозија во 1986 година доведе до најголема нуклеарна катастрофа во историјата и емисија на радиоактивно зрачење низ Европа.

Министерот за природни ресурси на Украина, Руслан Стрелец денеска изјави дека нивоата на радијација во областа околу електраната се во рамки на пропишаните норми.

Украинските власти претходно ги обвинија руските сили дека намерно подметнале пожари во близина на централата во Чернобил или ги предизвикале со гранатирање.

Руските сили го зазедоа Чернобил на 25 февруари, еден ден по почетокот на инвазијата врз Украина. Вработените кои оттогаш непрекинато работат во електраната, спротивно на правилата, конечно беа заменети на 20 март.