Фото: Инстаграм профил/ Марија Захарова

Русија ги осуди барањата на Киев за безбедносни гаранции во рамки на мировно решение за конфликтот и ги нарече „гаранции за опасност за европскиот континент“.

– Русија нема планови да разговара за распоредување на странски трупи во Украина во кој било формат и го смета за неприфатливо – изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Нејзиниот коментар дојде откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен – изјави дека ќе испрати европски трупи во Украина, идеја што исто така ја отфрли Германија.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“ во неделата, Фон дер Лајен рече дека Европа изработува „прилично прецизни планови“ за распоредување на мултинационални сили во Украина како дел од повоените безбедносни гаранции што ќе бидат поддржани и од САД.

– Русија нема да разговара за странска интервенција во Украина во кој било формат, што е фундаментално неприфатливо и ги загрозува сите форми на безбедност – рече Захарова.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ги отфрли изјавите на фон дер Лајен во вторник.

– Нема прецизни планови за воена акција, барем не во Германија – рече Мерц.

– Европската Унија не е одговорна за донесување одлуки за воена поддршка за Киев –  нагласи тој, додавајќи дека ова е прашање за таканаречената коалиција на подготвените, поширока група западни сојузници на Украина.

– Тоа не се гаранции за безбедност за Украина, туку гаранции за опасност за целиот европски континент –  изјави Захарова на економска конференција во Владивосток.

Таа ги отфрли како „лажни“ и тврдењата дека Русија стои зад оневозможувањето на GPS-сигналот на авионот со кој претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во неделата летала за Бугарија.