Системите за противвоздушна одбрана во рускиот регион Курск во близина на границата со Украина синоќа соборија три украински проектили, соопшти гувернерот на Курск, Роман Старовоит.
– Според прелиминарните информации, три украински проектили биле соборени над територијата на областа Фатежски од страна на дежурните сили за воздушна одбрана. Им благодариме на нашите бранители – објави Старовоит на Телеграм.
ДПА нагласува дека информацијата не може да се потврди од независни извори.
Првично нема информации за жртви или материјална штета.
Украина обвинува дека Русија користи забранет солзавец
Украина ја обвини Русија дека користи експлозиви кои содржат забранети хемиски соединенија во нападите против украинските војници во нивните ровови, а во последното бомбардирање на цивилната инфраструктура уништила складиште за жито.
Експлозиви кои содржат иритирачки гас познат и како солзавец, наводно биле фрлени со дронови или истрелани од артилерија. Отровниот гас го користи и полицијата во многу региони, пренесе ДПА.
Генералштабот на украинската армија вчера соопшти дека се регистрирани 626 случаи од почетокот на војната пред речиси две години. Од почетокот на јануари 2024 година, имало 51 случај со тренд на зголемување до 10 напади дневно.
Употребата на таков гас во војување е забранета според Конвенцијата за хемиско оружје на Обединетите нации, која ја потпиша и Москва.
ДПА нагласува дека украинските тврдења не можат да бидат независно проверени.