Украинската антикорупциска агенција (НАБУ) денеска обвини неколку украински пратеници за примање мито во замена за гласање во Парламентот, што е нов скандал, откриен непосредно пред заминувањето на претседателот Володимир Зеленски во САД на разговори за мировниот план.
НАБУ објави на Телеграм дека открила „организирана криминална група составена од сегашни членови на Парламентот“, кои „систематски добивале нелегални предности за да гласаат во Радата (Собрание)“, објавува парискиот „Фигаро“ на својот портал.
Истражителите се обиделе да ги претресат парламентарните комисии во Киев, но биле спречени од безбедносните сили, соопшти телото.
– Спречувањето на истражни дејствија е директно кршење на законот – предупреди агенцијата, која не прецизираше дали имало апсења.































