Русија утрово лансираше околу 15 крстаречки ракети кон главниот град на Украина, но системите за противвоздушна одбрана ги соборија сите, соопштија украинските власти, откако претходно се огласија предупредувањата за воздушен напад во поголемиот дел од земјата.
Денешните напади, петти овој месец, се случија еден ден откако Русија го лансираше најголемиот број беспилотни летала досега.
Началникот на градската воена управа на Киев Серхи Попко изјави дека плановите на агресорите пропаднале.
Тој, исто така, рече дека според прелиминарните информации, нема жртви во нападот, кој бил извршен со крстосувачки ракети од областа на Каспиското Море.
Украинските сили го гранатираа регионот Белгород на руската граница со Украина, при што беа повредени најмалку пет лица и оштетени куќи и далноводи, изјави гувернерот на регионот Белгород, Вјачеслав Гладков.
Градот Шебекино во јужниот дел на Белгород бил гранатиран три пати, при што се ранети пет лица, нагласи Гладков, додавајќи дека уште најмалку пет населени места биле под оган.
Доцна синоќа „руските системи за противвоздушна одбрана соборија беспилотно летало над градот Валујки“, објави Гладков на Телеграм. Засега нема информации за жртви и разурнувања, но итните служби работат на местото на настанот.
Гладков, исто така, нагласи дека во гранатирањето биле оштетени голем број семејни куќи, фарма, инфраструктура и далноводи. Инаку, двете страни негираат напади врз цивили во руската 14-месечна инвазија на Украина.
Украина речиси никогаш јавно не ја презема одговорноста за нападите во Русија и на територијата под руска контрола во Украина, но неодамна беше истакнато дека уништувањето на инфраструктурата е подготовка за планиран копнен напад, пишуваат западни медиуми.