Русија се закани со одмазда откако објави дека утринава соборила осум американски ракети ATAКMС истрелани од Украина. Москва смета дека употребата на вакви ракети, кои имаат дострел до 300 километри, е голема ескалација на конфликтот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека системите за противвоздушна одбрана собориле осум балистички ракети заедно со 72 беспилотни летала. Тие додаваат дека „на овие акции на режимот во Киев, кои се поддржани од западните куратори, ќе се одговори со одмазда“.
Министерството извести дека овие проектили биле насочени кон регионот Брјанск, тврдејќи дека нема жртви или материјална штета.
Руското министерство во соопштение наведува и дека уништиле неколку беспилотни летала во Ленинградската област на северозапад и еден во Курск, каде Украина изведе ненадеен напад минатото лето.
Американскиот претседател во заминување Џо Бајден во ноември ја одобри употребата на ракетите ATAКMС од Киев, велејќи дека тоа е делумно одговор на вмешаноста на севернокорејските војници во војната.
Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе одговори на украинските напади со ракети АТАКМС со помош на новата хиперсонична балистичка ракета Орешник.
Минатиот месец Путин сугерираше дека таков проектил би можел да биде истрелан кон главниот град Киев, за „да се тестираат системи за противвоздушна одбрана што западот и ги доставува на Украина“. Првото и единствено лансирање на ова експериментално оружје се случи на 21 ноември минатата година и беше насочено кон регионот Днепро.
Нападите со украински беспилотни летала ги принудија властите да воведат привремени ограничувања на аеродромот во Санкт Петербург – објави руската државна медиумска агенција „ТАСС“.
Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, на Телеграм рече дека „денешната ноќ и утро биле рекордни по бројот на уништени беспилотни летала“, при што четири биле соборени над неговиот регион.
Украинскиот безбедносен функционер Андриј Коваленко рече дека пристаништето Ленинград било цел, нарекувајќи го „инструмент за економски и воен опстанок на Русија“. Истовремено, во текот на ноќта од петокот кон саботата, Русија лансирала вкупно 81 беспилотно летало кон Украина – соопшти командата на украинските воздухопловни сили, вклучително и иранските беспилотни летала Шахед.
Украина влегува во новата година во неповолна положба во војната што започна во февруари 2022 година, додека Русија напредува на источните фронтови.
Руското Министерство за одбрана утрово соопшти дека нивните сили ја презеле контролата врз селото Надија во источниот украински регион Луганск. Во Доњецк, центарот на Покровск е под зголемен притисок од Русија, бидејќи украинските сили го губат теренот јужно и источно од градот.