За Унгарија, интеграцијата на Украина во евроатлантските структури треба да почека
Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока во интервјуто објавено во „Фајненшл тајмс“ го објави официјалниот став на Будимпешта дека „Унгарија не ја поддржува интеграцијата на Украина во европските одбранбени структури, туку ја гледа земјата како тампон-зона меѓу Европа и Русија“!
– Не ја гледаме безбедноста на Европа во интеграцијата на Украина во одбранбените системи, но ја гледаме потребата од тампон-зона меѓу Русија и европските одбранбени структури, што им служи на интересите и на Русија и на Европа – изјави Бока за реномираниот британски медиум.
Унгарскиот министер за европски прашања Бока изјави дека потенцијалната улога на Украина како „тампон-зона“ зависи од „консензус меѓу глобалните актери“, додавајќи дека „ако САД или ЕУ си дозволат да направат нешто во Украина без согласност и консултации со Москва, тоа само по себе би било извор на конфликт“.
За потсетување, лидери на ЕУ повикуваат на „побрз и пократок пат за пристапување на Украина во ЕУ“, при што некои сугерираат „2030 година да биде датум со голема веројатност за влез на Украина во Унијата“!
Од друга страна, унгарскиот премиер Виктор Орбан тврди дека пристапувањето на Украина ќе ја „уништи“ Унгарија, но не изнесе подетални аргументи за тоа. Она што го изнесе Орбан е дека „Украина, како територијално поделена земја и зафатена со војна, не може ниту да размислува засега за влез во ЕУ“. Унгарскиот премиер истакна дека планира во Унгарија да реализира мегаанкета за тоа дали унгарските граѓани се „за“ или „против“ украинско членство во ЕУ. Анкетата е планирана да се реализира во текот на тековната 2025 година.