И покрај војната со Русија, во Украина пристигнуваат огромни количини помош, покажуваат официјалните податоци, јави ДПА.
Околу 3.000 камиони со 20.000 тони храна, облека, лекови и медицинска опрема пристигнаа во земјата во изминатите шест дена, изјави украинскиот премиер Денис Шмигал.
Покрај тоа, 10 милијарди гривни (околу 333 милиони долари) се донирани на украинската армија преку специјална сметка.
– Им благодариме на сите што ѝ помагаат на Украина – истакна тој.
Шмигал, исто така, рече дека Украинците треба да продолжат да придонесуваат за националните напори.
– Со оглед на околностите, мораме да ги приспособиме нашите животи на услови на воена економија. Сите Украинци денес треба да се запрашаат како можат да бидат ефикасни за армијата, земјата и државата – рече Шмигал, додавајќи дека Украинците покажале голем хероизам.