Украинската воздушна одбрана, денеска, во раните утрински часови, собори 13 руски крстаречки ракети насочени кон воен аеродром во западниот регион Хмељницки, соопштија украинските воздухопловни сили.
Ракетите биле лансирани од руски стратешки бомбардери од област кај Каспиското Море, се наведува во соопштението, пренесено од светските медиуми.
Сирените за воздушен напад утрово се огласија ширум Украина, предупредувајќи за напади со руски ракети и беспилотни летала.
На каналите на Телеграм има објави за експлозии во неколку региони, од Лавов на запад, до Херсон на југ, но нема потврди за жртви.
Руската противвоздушна одбрана, пак, доцна синоќа соборила беспилотно летало над јужниот руски град Курск, во близина на границата со Украина, изјави регионалниот гувернер Роман Старовоит.
Тој на каналот Телеграм изјави дека противвоздушните системи биле активирани двапати, не споменувајќи штети или жртви, но побара од жителите да ги избегнуваат урнатините.
Во последните два месеца се извршени серија воздушни напади преку украинската граница во јужна Русија. Имаше и вооружени упади за кои одговорноста ја преземаа групи кои велат дека се противат на политиката на Кремљ.
Британските медиуми наведуваат дека Украина редовно одбива да ги коментира вестите за такви напади или упади.