Русија синоќа лансираше 14 дронови и седум проектили во Одеса, кои нанесоа штета на земјоделски претпријатија и уништија згради, соопшти јужната команда на украинските вооружени сили.
– Пожарите беа веднаш изгаснати. Никој не е повреден – додаде командата на „Телеграм“.
Од дроновите, 13 се уништени над регионот Одеса, а еден – при неговото приближување над регионот Николаев, додаде командата. Не е јасно дали штетата е предизвикана од паѓање на остатоци од дрон или од дронови кои не биле соборени. Нема информации ниту дали беспилотните летала кои не биле соборени ги погодиле нивните цели.
Според украинските сили, проектилите биле насочени кон регионите Харков, Доnецк и Чернихив.
Истовремено, локалниот функционер Владимир Рогов, назначен од Русија, изјави дека два украински дрона нападнале избирачко место во делот на украинската област Запорожје, кој е под руска контрола. Во нападот се запали зградата, но нема жртви, додаде тој на „Телеграм“.
Руските сили додадоа дека собориле 12 украински ракети над регионот на Белгород.
Украина синоќа лансираше вкупно 35 дронови против руски региони.
Системите за противвоздушна одбрана елиминираа три украински беспилотни летала во регионот Калуга. Ова го објави шефот на регионот Владислав Шапша на својот канал Телеграм.
– Непријателски беспилотни летала се обидоа да ги нападнат нашите инфраструктурни објекти во регионот Киров – напиша гувернерот, додавајќи дека немало уништување на инфраструктура или жртви.
А украинско беспилотно летало предизвикало пожар во рафинеријата Славјанск на југот на Русија, соопштија утрово регионалните власти во Краснодар.
Нападите со беспилотни летала врз рафинерии и енергетски капацитети се зголемени оваа недела во Русија, каде што денеска е последниот ден од претседателските избори, кои треба да доведат до очекуваниот реизбор на Владимир Путин.
Пожарот во реонот на нафтената рафинерија во Славјанск е целосно изгаснат.
– Едно лице почина за време на нападот, а веројатна причина е срцев удар – соопштија локалните власти во блискиот Краснодар.
Вчера, по напад со дрон, опожарена е рафинерија во Самара на околу илјада километри од украинската граница.
Нафтена рафинерија исто така беше цел на беспилотни летала во средата во Рјазан, на околу 200 километри југоисточно од Москва.
Во вторникот, беспилотни летала гаѓаа рафинерија во регионот Нижни Новгород, на 800 километри од границата со Украина.