Фото: Пиксабеј

На 1000 ден од војната, Украина истрела ракети АТАКМС од американско производство во руската област Брјанск, соопшти руското Министерство за одбрана, а пренесе „Си-ен-ен“.

Нападот доаѓа само два дена откако администрацијата на Бајден му даде зелено светло на Киев да го користи американското оружје со долг дострел против цели во Русија.

Во вторникот во 3.25 часот по локално време (19.25 по ET), Украина истрела шест балистички ракети врз објект во Брјанск – соопшти руското Министерство за одбрана. Се наведува дека во нападот биле користени ракети АТАКМС од американско производство.

Руската противвоздушна одбрана соборила пет од проектилите, а една била оштетена. Делови од оштетениот проектил паднале на територијата на воен објект, предизвикувајќи пожар кој во меѓувреме бил изгаснат. Во нападот немало жртви и материјална штета.

Во неделата, американскиот претседател Џо Бајден и дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел во нападите на Русија, укинувајќи ја повеќемесечната забрана со цел да и помогне на Украина да се одбрани, а не драстично да го ескалира конфликтот.

Во меѓувреме, илјадници севернокорејски војници се распоредени во рускиот регион Курск, каде што украинските трупи започнаа силна контраофанзива во текот на летото.

Одлуката да се дозволи употреба на армиските тактички ракетни системи АТАКМС во Русија се разгледувала со месеци. Американските функционери биле поделени околу одлуката да се дозволи употребата. Некои били загрижени од ескалација на војната, додека други биле загрижени за намалените залихи на оружје.

По пријавениот ракетен напад рано наутро, рускиот претседател Владимир Путин ја ажурираше руската нуклеарна воена доктрина, односно, два дена по зеленото светло на Бајден.

Според оваа доктрина, заканите кои би го поттикнале руското раководство да размисли за нуклеарен напад, вклучуваат напади со конвенционални ракети, беспилотни летала или други авиони.