Украина се откажа од планот за наградување на оние што упатиле донации во криптовалути во текот на оружениот конфликт со Русија, откако се случија компликации во проектот, пренесува „Блумберг“.
Преку официјалниот твитер-профил по повод кампањата, беше соопштено дека се планира употреба на алатката позната како „ердроп“, која се користи за привлекување на корисници на крипто-платформи преку нудење на бесплатни токени за покренување на одреден проект. Но украинскиот вицепремиер Микајло Федоров преку Твитер набргу потоа соопшти дека Украина се откажала од таквата намера. Федоров додал дека Украина ќе означи употреба на неповратни токени за поддршка на украинските вооружени сили, како што објави „Блумберг“.
Методата „ердроп“ претходно беше користена од компании и од одредени влади. Салвадор, на пример, ги награди своите граѓани со биткоин во вредност од 30 долари, како поттик за усвојување на т.н. дигитален паричник „Чиво“ откако го усвои биткоинот како официјално платежно средство.
Криптоадресите поврзани со украинската влада и повеќе добротворни организации добија донации во криптовалути во вредност од над 33 милиони долари во изминатите два дена, според податоците на „Блумберг“.
Украинската влада и организациите кои ја поддржуваат собраа повеќе од 52 милиони долари во криптовалути, од кои досега искористија барем 14 милиони долари, според „Форбс“.
Станува збор за речиси 60 илјади донации, од кои рекорден број од над 10 илјади беа упатени вчера.