По војната, еден од клучните предизвици ќе биде да им се овозможи на граѓаните раселени низ светот да гласаат. За таа цел, украинските власти проучуваат различни европски изборни модели за да усвојат практики што ќе им овозможат да спроведат слободни и фер избори по завршувањето на оружениот конфликт
Уште еден индикатор што најавува крај на украинско-рускиот воен судир
Украина ги проучува европските модели на изборно право, вклучувајќи и електронското гласање, со намера да одржи избори веднаш по завршувањето на војната со Русија, објавуваат светските медиуми, наведувајќи оти одржувањето слободни и фер избори ќе биде клучно за нормализирање на земјата разурната од војна, како и за нејзините амбиции да се приклучи на Европската Унија.
– Треба да разбереме како можеме демократски да одржиме избори, користејќи ги најдобрите и најефективните практики – изјави Олена Шулиак, претседателка на Комитетот за организација на државната моќ во украинскиот парламент.
Пред војната, Украина сè уште спроведуваше исклучиво лично гласање за парламентарни, претседателски и локални избори. Во меѓувреме, немало национално гласање од 2019 година, што значи дека претседателот Володимир Зеленски и украинскиот парламент ги пречекорија своите мандати.
Тоа е затоа што украинскиот устав забранува одржување избори за време на воена состојба и активно војување, бидејќи Киев не може да ги гарантира безбедноста и правата на глас на сите жители на Украина.
– Во моментов имаме огромен проблем со избирачкиот список, бидејќи луѓето заминаа во странство. А според различни процени, 6,5 милиони луѓе се внатрешно раселени – рече Шулиак.
Дури и по војната, еден од клучните предизвици ќе биде да им се овозможи на граѓаните расфрлани низ светот да гласаат. За таа цел, украинските власти проучуваат различни европски изборни модели за да усвојат практики што ќе им овозможат да спроведат слободни и фер избори по завршувањето на оружениот конфликт.
– Ние сме заинтересирани за електронското гласање и техничката процена на другите алтернативни опции за гласање, исто така од перспектива на ИТ-безбедноста – рече Шулиак, додавајќи дека пратениците исто така размислуваат за гласање преку пошта, лично гласање во странство на денот на изборите, како и гласање со полномоштво и онлајн гласање.
Официјален Киев често е под притисок од разни сојузници да одржи избори, додека Кремљ тврди дека раководството во Киев е нелегитимно и дека Украина не е демократска држава поради неодржувањето избори. Според препораките на Венецијанската комисија при Советот на Европа и на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, значајни промени во изборните закони треба да бидат усвоени најмалку една година пред датумот на следните избори во Украина. Изборната организација ОПОРА со седиште во Киев, исто така, ја повика владата да започне со подготовки за гласање откако војната ќе заврши. Р.С.