Фото: Пиксабеј

Украинска делегација постигна договор со САД за условите на потенцијален мировен договор со Русија, пренесе БТА повикувајќи се на американските телевизиски мрежи „ABC“, „CBS“ и „CNN“ кои цитирале претставници на американската влада.

Министерот за одбрана на САД, Ден Дрискол, вчера одржа тајни разговори со руска делегација во Абу Даби, ОАЕ, како продолжение на разговорите со Украина во Женева за време на викендот, кои имаа за цел унапредување на мировниот процес во Украина – информира извор што го цитира „ABC“.

– Украинците се согласија со мировниот договор, рекол тој и додал:. „Постојат некои мали детали што треба да се разработат, но тие се согласија со мировниот договор.“

Вчерашните разговори со руската делегација, кои претходно не беа најавени, следеа по разговорите одржани за време на викендот во Женева меѓу САД и Украина и се уште еден знак дека новата американска иницијатива за рестартирање на мировниот процес во Украина напредува – забележа „ABC“.

– Во понеделникот попладне и вечерта и во текот на целиот вторник, секретарот Дрискол и неговиот тим беа во разговори со руската делегација за постигнување траен мир во Украина – изјави денеска потполковник Џефри Толберт, портпарол на американската војска.

– Разговорите одат добро и ние остануваме оптимисти. Министерот Дрискол тесно соработува со Белата куќа и сите американски институции додека напредуваат разговорите – додаде тој.

Ниту Украина ниту Русија официјално не го потврдија присуството на своите делегации во Абу Даби.

Делегацијата на САД на преговорите во Женева ја предводеа државниот секретар Марко Рубио, специјалниот пратеник Стив Виткоф и министерот Дрискол.