Украинскиот премиер Денис Шмигаљ изјави дека руската инвазија на неговата земја уништила повеќе од 25.000 километри патишта, неколку стотици мостови и 12 аеродроми. Зборувајќи за Би-Би-Си, Шмихал рече дека повеќе од 100 образовни институции, над 500 медицински установи и 200 фабрики се исто така уништени или оштетени.
Околу 35 отсто од економијата не функционира во моментов. Повеќе од 300.000 квадратни километри земја се минирани или контаминирани со бомби. Шмигаљ процени дека е изгубен 30 до 50 отсто од БДП на земјата. Месечниот буџетски дефицит е 5 милијарди долари.
Според различни проценки, директната штета на инфраструктурата и економијата е околу 600 милијарди долари. Шмигаљ рече дека владата издвоила повеќе од 50 милијарди долари за сегашната реконструкција, каде што е можно.
-Следната фаза ќе биде реконструкција на големата инфраструктура, како што се снабдувањето со електрична енергија и вода, како и реконструкција на мостови и патишта -рече тој. Третата фаза, додаде, ќе биде „големата обнова на нашата земја“.
-Ние не сакаме само да обновиме тули и бетон. Ние сакаме да изградиме нова држава – рече тој.
Шмигаљ рече дека за тоа ќе бидат потребни украински средства, меѓународна помош и руски пари.
-Убедени сме дека агресорот мора да плати за уништувањето што го направи. Тоа треба да биде јасно, на сметка на замрзнатиот руски имот – запленет и пренесен во Украина за заедничка обнова на нашата држава – додаде Шмигаљ.