Фото: Каја Калас (инстаграм)

Додека глобалното внимание се префрла на ескалацијата на војната на Блискиот Исток, Украина не треба да се „исфрли“ од меѓународната агенда, изјави денеска шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

– Војната на Блискиот Исток се шири брзо- изјави таа на прес-конференција по неформалниот министерски состанок на Советот на земјите од Балтичкото Море во Варшава заедно со полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, обвинувајќи го Иран дека сака „да сее хаос и да го запали регионот со неселективни напади врз своите соседи“, пренесува МИА.

Таа истакна дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе се сретнат со своите колеги од Советот за соработка во Заливот утре за да разговараат за ситуацијата и можните следни чекори.

Истакнувајќи ја загриженоста дека конфликтот на Блискиот Исток би можел да ги пренасочи воените ресурси од Киев, таа призна дека клучните капацитети, особено системите за воздушна одбрана, се во недостиг на Запад.

И покрај интензивирањето на кризата на Блискиот Исток, Калас нагласи дека тековната војна во Украина сè уште претставува директна и непосредна закана за Европа.

– Додека светот е фокусиран на војната на Блискиот Исток, не смееме да дозволиме Украина да исчезне од агендата. Москва можеби изгуби уште еден сојузник во Техеран, но истите дронови што го напаѓаат Дубаи го напаѓаат и Киев – рече таа.