Фото: ЕПА

Поранешниот украински претседател Леонид Кучма излезе со сериозна информација во јавноста дека „припадниците на вооружените сили на Украина му замеруваат на воено-политичкото раководство по различни основи: информативни, оперативно-тактички, организациски…“, при што внатрешните противречности се продлабочуваат

Поранешниот претседател на Украина во интервју предупреди на раскол во државното и воено раководство

Во интервју за украинскиот медиум „Интерфакс“, поранешниот украински претседател (претседател на Украина од 1994 до 2005 година) Леонид Кучма изјави дека тој сведочи на „растечко незадоволство во украинското општество во однос на барањето на командата на вооружените сили во врска со зголемувањето на темпото на мобилизација“.
– Властите го обвинуваат општеството за недоволна подготвеност да ја брани државата. Во општеството се слушаат повици властите да дадат пример и да тргнат од себе. Има многу такви противречности – изјави за медиумот поранешниот претседател на Украина, Кучма.
Војниците му замеруваат на воено-политичкото раководство од различни причини – информативни, оперативно-тактички, организациски, додаде тој и нагласи дека станува збор за „реални противречности“ меѓу општеството, армијата и власта. Засега, иако противречностите се продлабочуваат, според поранешниот претседател, тие не ја минуваат црвената линија за да прераснат во внатрешен конфликт.

Леонид Кучма

Кучма се дополни во истиот контекст и дека „има помалку меѓусебно разбирање“. Политичката елита продолжи да се бори за своите „ситни интереси“.
– Не знам дали ќе има раскол во самото општество, но секако ќе има пукнатина. Веќе се пука. Некои се бореа, а други правеа сѐ за да го избегнат тоа. Некои останаа во Украина, а некои веднаш побегнаа. Кој ги жртвуваше својот живот и здравје, а кој искористи. Некои ги поддржуваа вооружените сили на Украина со нивната скудна заработка, а други се збогатија со слабеење на вооружените сили на Украина – предупреди Кучма за ситуацијата во земјата по прекинот на борбите во интервјуто за украинскиот медиум „Интерфакс“. Р.С.


Генерал-полковник на украинската армија јавно проговори за состојбите на фронтот

Генерал Марченко: Нашиот дел од фронтот се распадна

Пред неколку дена, Генералштабот на вооружените сили на Украина ја објави тешката ситуација за украинската армија по должината на целата линија на раздвојување.
Во истиот контекст, генерал-полковникот на украинската армија Дмитриј Марченко во јавноста јасно порача дека „фронтот на вооружените сили на Украина се урна под налетот на руските сили поради заморот на народот и недостигот од резерви“.
– Нема да откријам воена тајна ако кажам дека нашиот фронт се распадна – истакна тој за јавноста.
Според Марченко, ваквиот развој на настаните стана возможен поради одредени околности:
1. Прво, поради недостиг од муниција и оружје
2. Второ, тој посочи на недостиг од борбена жива сила, односно борци и недоволно засилување.
– Луѓето се многу уморни – истакна Марченко. Р.С.


Интересна и контроверзна „стратегија на Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина“

Решението на Трамп за замрзнување на војната

Според пишувањето на реномираниот медиум „Фајненшл тајмс“, тимот на Трамп предлага „замрзнување“ на војната со формирање автономни и демилитаризирани зони, со акцент на намалување на американското учество и поголема улога на европските земји како гаранти на мировниот процес, сето тоа без членството на Украина во НАТО.
Критичарите на овој предлог, вклучувајќи ги и украинските власти, предупредуваат дека „пристапот на Трамп може да претставува капитулација пред руската агресија“, додека сојузниците на Трамп сметаат дека е потребна нова стратегија што ќе ја земе предвид моменталната ситуација на теренот. Стратегијата на Трамп вклучува и економска компонента, која се потпира на намалување на цените на нафтата и гасот „за да се притисне Русија на преговори“.
Според повеќе коментари од светските медиуми, „плановите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за решавање на конфликтот во Украина претставуваат интересна и контроверзна стратегија“.
Додека пристапот на Трамп се чини дека нуди потенцијално ново решение, многумина аналитичари се сомневаат во неговите долгорочни последици и безбедносни гаранции за Украина. Оваа тема сигурно ќе биде во центарот на политичката дебата, особено со претстојните избори во САД.