Над 30 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во денешниот ракетен напад врз железничка станица во Краматорск во источна Украина , изјави шефот на националната железничка компанија.
– Повеќе од 30 луѓе загинаа, а над 100 се повредени во ракетниот напад врз железничката станица Краматорск. Ова е намерен напад врз инфраструктура на железницата и жителите на Краматорск – напиша Александар Камишин на социјалните мрежи.
Украинското Министерство за одбрана, потврдувајќи ги бројките на загинатите и повредените, соопшти дека ракетните напади биле изведени додека се одвивала евакуацијата на локалните жители.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека не извршиле напад врз железничка станица во источна Украина.
– Сите изјави на претставниците на националистичкиот режим во Киев за „ракетниот напад“ наводно извршен од Русија на 8 април на железничката станица во градот Краматорск се провокација и се апсолутно невистинити – се вели во соопштението на Министерството објавено на Телеграм.
Потенцираме дека тактички проектили Точка-У, чии делови беа пронајдени во близина на железничката станица Краматорск и објавени од очевидци, ги користат само украинските вооружени сили, додаваат од Министерството.
– На 14 март 2022 година, дивизија на 19-та одделна ракетна бригада на вооружените сили на Украина го нападна центарот на Доњецк со слична ракета Точка-У, при што загинаа 17 лица на лице место, а беа повредени уште 36 цивили – тврди руското Министерство за одбрана.
При гранатирањето на железничката станица во Краматорск присутни биле околу 4.000 луѓе, од кои повеќето жени, деца и постари лица, изјави градоначалникот на градот.