Киев ја повика Европската унија што е можно поскоро да го подготви единаесеттиот пакет санкции против Русија за нејзината инвазија на Украина.
Портпаролот на МНР, Олех Николенко, изјави дека Киев е благодарен за досегашните мерки кои Брисел ги усвои, но дека десеттиот пакет, усвоен минатиот месец, не влијае на рускиот нуклеарен и ИТ сектор.
-Факт е дека Русија сè уште има пристап до огромни финансиски и технолошки ресурси – рече Нихоленко, проценувајќи ја нивната вредност на стотици милиони долари.
-Затоа, ова не е време да се намали притисокот од санкциите додека војната продолжува во срцето на Европа – рече тој.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, минатиот месец изјави дека Унијата ќе продолжи да воведува санкции кон Москва „сè додека е потребно“.
Десеттиот пакет воведе построги ограничувања за извоз на стоки со двојна употреба, како и мерки против субјектите кои поддржуваат војна, шират пропаганда или снабдуваат беспилотни летала во Русија.
Рускиот нуклеарен сектор не е вклучен во десеттиот пакет поради противењето на некои од земјите-членки.