Мажот обвинет за смртоносното пукање во Вашингтон врз младата двојка која работела во израелската амбасада е обвинет за убиство, соопштија властите.
Јарон Лишински и Сара Лин Милграм беа убиени додека излегуваа од Еврејскиот музеј по настан за млади дипломати, потсетува ДПА.
Осомничениот, Елиас Родригез од Чикаго, беше обвинет за убиство на странски функционери, предизвикување смрт со употреба на огнено оружје и пукање од огнено оружје за време на кривично дело со насилство. Тој е обвинет и по две точки од првостепено убиство, соопшти Канцеларијата на американскиот обвинител.
Обвинителката Памела Бонди рече дека за „бруталното, антисемитско насилство“ нема место во САД или каде било во цивилизираниот свет.
– Ќе ги следиме фактите и ќе ја обезбедиме најстрогата можна казна за сторителот на ова грозоморно злосторство, кое на двајца прекрасни млади луѓе им ја одзеде заедничката светла иднина – рече Бонди.
Вршителката на должност американската обвинителка Џенин Пиро рече дека пукањето се истражува како злосторство од омраза и терористичко злосторство.
– Насилството врз кое било лице, врз основа на неговата религија, е чин на кукавичлук. Тоа не е чин на херојство. Антисемитизмот нема да се толерира, особено не во главниот град на нацијата – рече Пиро на прес-конференција.
Пиро рече дека истрагата сè уште е во рана фаза, но обвиненијата вклучуваат злосторства за кои би можело да се добие смртна казна.
Судијата закажа сослушување за случајот за 18 јуни.
Родригез, 30, отворил оган врз жртвите додека тие излегувале од музејот, стои во изјавата во кривичната пријава. На надзорна снимка наводно се гледа Родригез како поминува покрај жртвите пред да се сврти и да испука повеќе куршуми, се вели во изјавата на Канцеларијата на обвинителот.
– Откако жртвите паднале, тој наводно продолжил да пука од непосредна близина, дури и додека една од жртвите се обидува ползи. Истражителите пронашле пиштол од 9 милиметри и 21 потрошена чаура на местото на настанот- стои во документот.
Нејасно е дали осомничениот стрелец ги познавал двајцата или каква врска можеби имал со нив.