Промена на власта во Велика Британија по општите избори
Новиот премиер Кир Стармер (61) се постави себеси како лидер со определба за „стабилност и умереност“ што ќе ја обнови Британија, судејќи според неговиот говор на Даунинг стрит 10. Но Стармер ќе биде под притисок да го искористи огромното мнозинство на лабуристите во парламентот за да најде решение за повеќе итни прашања – од проблемите со јавните услуги и животниот стандард погоден од инфлацијата, до станбената криза и слабите бизнис-инвестиции
Убедливата победа на Лабуристичката партија на општите избори во Велика Британија одржани во четвртокот означува еден од најуспешните пресврти во британската политичка историја, кој на идниот премиер, сер Кир Стармер, му дава ниво на моќ што беше незамисливо за лидер на лабуристите пред само пет години, откако неговата партија обезбеди апсолутно мнозинство во Долниот дом на парламентот, со освоени 412 места од вкупно 650. На тој начин беше ставен крај на 14-годишното владеење на конзервативците по нивниот најслаб изборен резултат уште од Втората светска војна. Конзервативната партија освои 24 отсто од гласовите, за 20 отсто помалку од изборите во 2019 година, со што загуби приближно две третини од 372-те пратенички места што ги бранеше (остана со 112). Сега веќе поранешниот премиер Риши Сунак токму затоа поднесе оставка и од лидерската функција во Конзервативната партија.
Премиерот најави стабилност и национална обнова
Новиот премиер Кир Стармер (61) се постави себеси како лидер со определба за „стабилност и умереност“ што ќе ја обнови Британија, судејќи според неговиот говор на Даунинг стрит 10, по посетата на Бакингемската палата каде што ја прифати поканата на кралот Чарлс Трети за формирање нова влада. Стармер во петокот ги именуваше и членовите на својот кабинет, во кој за првпат на чело на Министерството за финансии застанува жена – Рејчел Ривс.
– Нашата земја решително гласаше за промени, национално обновување и за враќање на политиката во служба на народот. Политиката може да биде сила за добро. Тоа ќе го покажеме. Направивме промени во Лабуристичката партија, ја вративме во служба и така ќе владееме. Државата на прво место, потоа партијата – рече меѓу другото Стармер.
Сега се поставува прашањето како лабуристите ќе владеат. Големото ветување на Стармер беше да донесе стабилност на Владата, а со тоа и инвестиции во Британија, кои потоа ќе послужат за реиндустријализација на земјата. Тој најави и дека ќе ја преземе контролата врз миграцијата, односно дека ќе ги спречи мигрантите да патуваат преку каналот Ла Манш со мали чамци, во опасни услови. Британскиот премиер потврди и дека неговата влада нема да ја продолжи политиката за депортирање на баратели на азил во Руанда, за што Британија ѝ плати на африканската држава стотици милиони фунти. Се очекува Стармер да ја нагласи и посветеноста на Велика Британија во борбата против климатските промени.
Стармер ја помина предизборната кампања обвинувајќи ги конзервативците на Сунак за „14 години економски неуспех“, но тој нема очигледно брзо решение за да ја извлече земјата од проблемите поврзани со предвидениот бавен економски раст. Стармер ќе биде под притисок да го искористи огромното мнозинство на лабуристите во парламентот за да најде решение за повеќе итни прашања – од проблемите со јавните услуги и животниот стандард погоден од инфлацијата, до станбената криза и слабите бизнис-инвестиции.
Стармер ја застапуваше Хрватска во Хаг, спроведе партиска „чистка“…
Новоназначениот британски премиер Кир Стармер е адвокат специјализиран за човекови права што се занимава со политика во изминатите девет години. Медиумите од островот наведуваат дека британската јавност едвај знае кој е Стармер, како и оти не е тајна дека голем број граѓани не гласале конкретно за самиот Стармер, туку за да ја симнат од власт Конзервативната партија. Истовремено, неговите противници велат дека успехот на Стармер е резултат на среќни околности, но подемот што тој го постигна во кариерата оди во негова полза. Стармер беше избран во парламентот на 52-годишна возраст. По покана на тогашниот лидер на лабуристите Џереми Корбин му се приклучува на неговиот „кабинет во сенка“, за потоа, по изборниот дебакл на партијата во 2019 година, да направи радикални промени, кога избрка повеќемина лабуристи надвор од партијата, меѓу кои и Корбин, поради наводни антисемитски тенденции. Во адвокатската кариера, пак, своевремено беше дел од хрватскиот правен тим во постапката против Србија за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Р.С.
Евроскептикот Фараж влезе во парламентот
Лидерот на британската десничарска Реформска партија, Најџел Фараж, за првпат освои место во парламентот како претставник на англискиот град Клактон, со што се смета дека успеал значително да ја зголеми поддршката за својата партија низ државата. Фараж истакна дека во следните неколку години планира да изгради национално движење за да може да ги предизвика лабуристите во 2029 година. Станува збор за познат евроскептик што своевремено беше меѓу главните поддржувачи на кампањата за излез на Велика Британија од Европската Унија, за чија цел основа и партија со името Брегзит.