Шеесет лица се приведени откако синоќа стотици антиизраелски демонстранти упаднаа на аеродромот во Махачкала во претежно муслиманскиот регион Дагестан во Русија, објави утринава руската новинска агенција „РИА“.
„РИА“ објави дека се идентификувани 150 од најактивните демонстранти. Во инцидентот наводно се повредени девет полицајци, од кои двајца се згрижени во болница.
Демонстрантите синоќа упаднаа на пистата и зградата на аеродромот во Махачкала, главниот град на Дагестан, руска република со мнозинско муслиманско население, по најавата за пристигнување на авион од Тел Авив. Тие бараа патници од Израел.
Руските органи на прогонот доцна синоќа соопштија дека сите „неовластени граѓани“ се отстранети од аеродромот во Махачкала и дека ситуацијата е под контрола. Воздухопловните власти соопштија дека аеродромот во Махачкала ќе остане затворен до 6 ноември.