Уапсен е таткото на 14-годишникот, кој денес уби осум деца и еден чувар во основно училиште во Белград.
Српскиот министер Братислав Гашиќ на прес-конференција во Владата на Србија рече дека е уапсен и таткото на момчето.
– Двата пиштола, оној во ранецот и оној со кој е извршено ова кривично дело, биле во легална сопственост на таткото на момчето. Тврди дека биле заклучени во сеф, под шифра, има неколку оружја, регистрирани во 2016 и 2017 година, но очигледно детето имало шифра од сефот-рече Гашиќ на прес-конференција во зградата на Владата.
Момчето често одело на стрелиште со својот татко, објави министерот.
Претходно, медиумите пишуваа дека родителот е познат радиолог во Србија.
Коста Кецмановиќ, кој го изврши масакрот во училиштето, самиот ја повикал полицијата во 8.42 часот и кажал дека ги убил учениците. Тој убиството го планирал еден месец и направил список на лицата што сакал да ги убие.
– Според важечките закони во Србија, децата помлади од 14 години не можат кривично да одговараат, што значи дека не можат да бидат казнети за незаконско дело, односно не може да им се изрече кривична санкција-изјави адвокатот Владимир Тупањац за Бета.
-Следствено, водењето на кривичната постапка станува беспредметно, што значи дека тие не можат да бидат ниту приведени, ниту притворени. Останува само граѓанско правната одговорност на училиштето и евентуално на родителите на момчето за надомест на штета на семејствата на починатите, откако ќе бидат утврдени сите околности на случајот-рече Тупањац.
Тој додаде дека кога надлежните органи ќе утврдат како детето го добило оружјето и кому навистина му припаѓа оружјето, веројатно може да има одговорност на оној кој не го обезбедил правилно оружјето и на тој начин да му го стави на располагање на детето.
Србија прогласи тридневна жалост.