Германската полиција синоќа уапси 26-годишен Сириец, кој денеска признал дека го извршил завчерашниот напад со нож во градот Солинген во кој три лица се убиени, а осум се ранети, објави „Ројтерс“.
Осомничениот се предал и го признал делото, се вели во заедничката изјава на полицијата и обвинителството во Дизелдорф.
Нападот, за кој одговорноста ја презеде групата Исламска држава, се случи завчера вечерта на фестивал по повод одбележувањето на 650-годишната од постоењето на градот.
ИСИС, пренесува „Ројтерс“, на својот Телеграм-канал, уапсениот го опиша како „војник на Исламска држава“ и вели дека „го извршил нападот како одмазда за муслиманите во Палестина и насекаде“. ИСИС не објави докази за своето тврдење и за тоа колку е близок напаѓачот со оваа организација и каква е неговата врска со неа. Во минатото, многу пати ИСИС лажно преземаше одговорност за напади. Сега се чека разузнавачките служби да проценат дали тоа е точно тврдење.
Пред да биде уапсен властите синоќа соопштија дека осомничениот е поврзан со засолниште за бегалци во Солинген, во кое била извршена рација.
Регионалниот министер за внатрешни работи Херберт Реул изјави дека полицијата го уапсила „вистинскиот осомничен“.
Германски „Шпигел“, повикувајќи се на свои неименувани извори, објави дека на облеката на осомничениот имало крв, но полицијата одби да го коментира нивниот извештај.