Коалиција од 16 американски сојузни држави, предводени од Калифорнија, ја тужи администрацијата на претседателот Доналд Трамп поради неговата одлука за прогласување вонредна состојба само за да обезбеди финансии за ѕидот на границата со Мексико. Во тужбата се наведува дека државите сакаат да ја блокираат неговата злоупотреба на функцијата и претседателските овластувања. Демократската партија е против финансирањето на ѕидот на Трамп, едно од неговите клучни изборни ветувања, и порача дека ќе се бори против неговиот контроверзен план
Коалиција од 16 американски сојузни држави, предводени од Калифорнија, ја тужи администрацијата на претседателот Доналд Трамп поради неговата одлука за прогласување вонредна состојба само за да обезбеди финансии за ѕидот на границата со Мексико. Трамп во петокот прогласи вонредна состојба за да го заобиколи Конгресот, откако му го одби барањето за фонд од 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот. Во тужбата се наведува дека државите сакаат да ја блокираат неговата злоупотреба на функцијата и претседателските овластувања. Демократската партија е против финансирањето на ѕидот на Трамп, едно од неговите клучни изборни ветувања, и порача дека ќе се бори против неговиот контроверзен план, пренесува Би-би-си.
Прогласувањето вонредна состојба следуваше откако Трамп го потпиша договорот за трошење, за да избегне нова блокада на американската влада, но доби само 1,37 милијарда долари за новите бариери на границата. Шефот на Белата куќа порача дека не морал да прогласи вонредна состојба, но оти го сторил тоа за побрзо да ги добие финансиите за изградбата на ѕидот. Аналитичарите оценуваат дека овие коментари би можеле да ги поткопаат неговите правни аргументи.
Со тужбата се бара од Трамп да престане да се раководи според неговата декларација за вонредна состојба за да го изгради ѕидот, а во неа е наведено дека претседателот нема овластувања за пренасочување на фондовите одобрени од Конгресот, за да плати за својот проект. Според тужбата, одлуката на Трамп е неуставна и незаконска и, како што и самиот призна, прогласувањето вонредна состојба не е неопходно.
– Го тужиме претседателот Трамп за да го запреме унилатерално да ги ограбува фондовите на даночните обврзници, кои законски се одредени од Конгресот за луѓето во нашите држави. За повеќето од нас, канцеларијата на претседателот не е место за театар – порача Ксавиер Бечера, јавниот обвинител на Калифорнија.
На Калифорнија ѝ се придружија Колорадо, Конектикат, Делавер, Хаваи, Илиноис, Мејн, Мериленд, Минесота, Невада, Њу Џерси, Њу Мексико, Њујорк, Орегон, Вирџинија и Мичиген. Во сите овие држави, освен Мериленд, на власт се демократите.
Во заедничкото соопштение на државите се наведува дека цел на тужбата е заштита на нивните жители, природните ресурси и економските интереси. Тие тврдат дека наредбата на Трамп за пренасочување на фондовите ќе ги чини милиони долари. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ја отфрли одлуката на претседателот, опишувајќи ја како „политички театар“, додека, пак, јавната обвинителка на државата Њујорк, Летиција Џејмс, вети дека ќе се бори со сите правни алатки што ѝ се на располагање.
Од друга страна, Трамп порача дека вонредната состојба ќе му овозможи да собере речиси осум милијарди долари за ѕидот, што е значително помалку од 23-те милијарди, колку што се предвидени за изградба на бариерата по должината на границата со Мексико, која се протега на речиси 3.200 километри. Тој прифати дека ќе биде тужен за чекорот и предвиде дека случајот најверојатно ќе заврши пред Врховниот суд на САД.
– Ќе се соочиме со криза на националната безбедност на нашата јужна граница. Сите знаат дека ѕидот функционира – порача Трамп, кој во текот на изборната кампања за претседателските избори во 2016 година постојано повторуваше дека токму Мексико ќе плати за изградбата на контроверзната бариера.
Критичарите, сепак, ја обвинуваат Владата за намерно предизвикување криза, истакнувајќи дека оцените на претседателот за ситуацијата се невистинити. Експертите оценуваат дека најголемиот број нелегални имигранти што секоја година се населуваат во САД се оние што остануваат во земјата откако ќе им истечат нивните визи и оти најголемиот дел од дрогата се шверцува преку легалните гранични премини.
Со прогласувањето вонредна состојба, претседателот има пристап до специјални овластувања, кои му овозможуваат да го заобиколи вообичаениот политички процес. Трамп би можел да пренасочи пари од постојниот воен фонд или од фондот за справување со катастрофи за да ја плати изградбата на ѕидот. Претходните претседатели најчесто прогласуваа вонредна состојба за справување со надворешнополитички кризи, вклучувајќи и блокирање на пристапот на ентитети поврзани со тероризам до фондовите или забрана за инвестирање во држави, осомничени за кршење на човековите права.
Законот за вонредна состојба вклучува клаузула што му овозможува на Конгресот да го укине вонредниот статус доколку се согласат двата Дома, а претседателот нема право на вето на таквата одлука. Со убедливо мнозинство во Претставничкиот дом, демократите може да испратат таква резолуција во Сенатот. Републиканците го контролираат Сенатот, но голем број републикански сенатори гласно го искажаа своето незадоволство од прогласувањето вонредна состојба во земјата.