Полскиот премиер Доналд Туск објави дека неговата влада работи на план за задолжителна воена обука за секој возрасен маж во земјата, како одговор на променетата безбедносна ситуација во Европа.
Туск рече дека има потреба од армија од 500.000 војници, во која ќе има и резервисти, пишува Гардијан.
– Ќе се обидеме да имаме подготвен модел до крајот на оваа година, така што секој возрасен маж во Полска ќе биде обучен во случај на војна – рече Туск за време на говорот за безбедноста пред полскиот Парламент.
Минатата година полската влада соопшти дека армијата има околу 200.000 војници, со цел оваа година таа бројка да се зголеми на 220.000, а долгорочно да достигне 300.000 војници.
Туск предложи Полска да ги истражи „нуклеарните опции“.
– Мораме да бидеме свесни дека Полска мора да се потпре на најсовремените можности, вклучувајќи нуклеарно оружје и современо неконвенционално оружје – рече тој.