Володимир Зеленски / Фото: ЕПА

Пресвртните точки на промената на политиката на официјален Киев не се случија на линијата на фронтот, туку на места многу далеку од престолнината. Меѓутоа, тие долгорочно можат директно да влијаат на текот на војната во Украина и на условите за нејзино завршување, пишува украинскиот медиум „Страна“

Се случи пресвртница за ситуацијата околу Украина, констатира украинскиот медиум „Страна“, притоа објавувајќи ги изјавите на специјалниот претставник за Украина на американскиот претседател Доналд Трамп, Кит Келог.
– Пресвртните точки не се случија на линијата на фронтот, туку на места многу далеку од неа. Меѓутоа, тие долгорочно можат директно да влијаат на текот на војната во Украина и на условите за нејзино завршување. Згора на тоа, самиот Зеленски веќе неколку дена јасно става до знаење дека можеби воопшто нема да учествува во мировните преговори – се наведува во анализата на „Страна“.

Три сценарија за промената на „филмот на Зеленски“

„Постојат три можни сценарија за Зеленски“, пишува украинскиот медиум, опишувајќи ги детално можните патеки и објаснувањата за нив, за промената во украинската политика, што, пак, укажува дека во Киев „очигледно дуваат некои нови ветришта“.
1. Прва верзија: Зеленски бара воведување мировни сили и јасни безбедносни гаранции, вклучувајќи и членство во НАТО или други форми што подразбираат директно учество на земјите од Алијансата во одбивањето нова инвазија. Без тоа, невозможно е да се заврши војната, бидејќи Русија ќе собере сила и повторно ќе нападне.
2. Втора верзија: Зеленски совршено разбира дека никој на Западот нема да ги даде гаранциите што ги бара, бидејќи не сакаат да се борат со Русија за Украина. Значи, според втората верзија, сите изјави на Зеленски за неприфатливоста на брз мир се само покритие за вистинските мотиви на Банкова, според кои таа сака да ја продолжи војната со можност за практично неконтролирана контрола на огромните воени буџетски текови преку коруптивни шеми, а исто така не сака да одржи избори поради страв од губење на власта.
3. Трета верзија: Единственото нешто што го интересира Зеленски во мировните преговори за Украина се гаранциите за зачувување на сопствената моќ, и тоа не само од Западот туку и, најважно, од Русија.

Согласноста на Зеленски зависи од останувањето на власт?!

– Ако Западот и Кремљ гарантираат дека Зеленски ќе остане на власт во секој случај по завршувањето на војната, тогаш Зеленски ќе биде подготвен да се согласи со предложените мировни услови. Не каков било вид, се разбира. Туку за многу работи за кои во моментов се разговара за мировните услови во Украина, но кои Зеленски јавно ги отфрла. Тој ќе се согласи откако ќе добие гаранции за останување на власт, бидејќи за него напуштањето на претседателската функција може да доведе до критични последици – вели неименуван извор од политичките кругови за украинскиот медиум.
Треба да се напомене дека негативната реторика на Зеленски во однос на идеите предложени од Вашингтон за ставање крај на војната се интензивира откако САД почнаа да ја нагласуваат потребата од избори – заклучува украинскиот медиум. Р.С.


Унгарија е првата европска земја што САД ја информираа за
резултатите од разговорите во Ријад

Унгарија беше првата земја што САД ја информираа за резултатите од разговорите меѓу американската и руската делегација во Ријад, изјави државниот секретар на унгарското министерство за надворешни работи Левенте Маѓар.
Како што наведе Маѓар, функционерот во Бирото за европски и евроазиски прашања на САД, Луис Боно, во текот на нивниот разговор му рекол оти „фактот што разговорите се случиле е голем чекор напред“ и покрај тоа што немало договорени конкретни чекори, пренесува агенцијата МТИ.
Маѓар рече и дека Унгарија и САД имаат иста цел – мир во Украина. Р.С.