Борбите во Судан стивнаа во текот на ноќта откако армијата и паравоените сили се согласија на тридневно примирје, дозволувајќи им на повеќе Суданци да ја напуштат земјата, а странските земји да ги повлечат своите државјани.
Војната што избувна меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) на 15 април ги претвори станбените области во воени зони. Најмалку 459 луѓе загинаа, а повеќе од 4.000 се повредени. Жителите останаа без вода, струја и храна во земјата која веќе се потпира на странска помош.
Странските земји го евакуираа персоналот од амбасадите во главниот град Картум, по неколку напади врз дипломати, вклучувајќи го и убиството на египетскиот аташе кој беше застрелан на пат кон работа. Некои земји ги извлекуваат и своите граѓани кои приватно престојуваат во земјата.
Велика Британија денеска започна голема евакуација на своите државјани со воени авиони од аеродром северно од Картум. Франција и Германија соопштија дека досега евакуирале повеќе од 500 луѓе од различни националности.
Суданските семејства, исто така, го искористија затишјето да ги напуштат своите домови по повеќе од една недела жестоки борби во потрага по транспорт за да заминат на безбедно, загрижени дека егзодусот на странците дополнително ќе ги доведе во опасност локалните жители.
Десетици илјади луѓе во изминатите неколку дена заминаа во соседните Чад, Египет, Етиопија и Јужен Судан, и покрај неизвесноста за тамошните услови.
Ситуацијата за оние кои останаа во третата по големина африканска земја, каде на една третина од 46 милиони луѓе им требаше помош уште пред насилството, брзо се влошува. Некои изразија очај поради заминувањето на некои меѓународни хуманитарни агенции и дипломати.
Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации денеска соопшти дека ги намалила активностите поради борбите.