Фото: „Нова Македонија“

Трговските односи меѓу Кина и Европската унија достигнаа „јасна пресвртна точка“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Пекинг по самитот со кинеските власти.

Очекувањата од средбата во кинескиот главен град, со која се одбележа 50-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи, не беа високи. Средбата се одржа по неколку недели тензии, а кинеската страна одлучи да го преполови времето за одржување.

– Искрено и отворено ја изразивме нашата загриженост во врска со трговијата, инвестициите и геополитичките прашања. Делумно идентификувавме решенија – рече Фон Дер Лајен на прес-конференцијата по средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг и премиерот Ли Чијанг.

На прашањето за потенцијален трговски договор со САД, Лајен рече дека ЕУ е фокусирана на постигнување договор, но оти сите инструменти се на маса додека „не се постигне задоволителен резултат“. Таа нагласи дека односот меѓу Кина и ЕУ е „важен“, но и „независен“ од односите на европскиот сојуз со други актери.

Си претходно им рече на Фон Дер Лајен и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, дека предизвиците со кои се соочува Европа не потекнуваат од Кина. Тој ја повика ЕУ „правилно да управува со разликите и споровите“.

– Постои надеж дека европската страна ќе ги задржи трговскиот и инвестицискиот пазар отворени и ќе се воздржи од користење рестриктивни економски и трговски алатки, изјави Си – пренесе кинеската новинска агенција Синхуа.

Во текот на изминатата година, ЕУ, меѓу другото, воведе царини за увоз на електрични автомобили од Кина, а европските фукнционери предупредуваат на трговскиот дефицит со оваа азиска земја, кој минатата година достигна 306 милијарди евра.

Фон Дер Лајен изјави дека кинеските власти изразиле волја да поттикнат поголема потрошувачка кај своите жители.

Претходно, таа му рекла на Ли дека за „чекори напред“ ќе смета поголема отвореност на кинескиот пазар за европските компании и отстранување на извозните ограничувања. Таа ја нарече својата средба со Си „одлична“.

Лидерите на ЕУ на денешната средба изразија очекувања дека Кина ќе ја поттикне Русија да ја запре војната против Украина.

– Важно е да дојде до прекин на огнот и преговорите да се одвиваат на маса, да постои вистинска и искрена подготвеност за изнаоѓање решение за прекин на крвопролевањето – рече Фон Дер Лајен на прес-конференцијата.